1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Филе притиска за сериозност и политичка консолидација

Костадин Делимитов9 април 2013

Официјален Брисел го притиска Скопје да го засили реформскиот процес и политички да се консолидира во насока на евроинтеграцискиот процес. Филе ги повика партиите да не бидат заложници на политичкиот натпревар

https://p.dw.com/p/18CVg
Фотографија: MIA

Пораките на Штефан Филе и интензивното присуство на високи претставници од ЕУ во РМ според експертите покажува зголемен инпут и интерес на Унијата за состојбите во земјава но и порака дека е потребна сериозност. Универзитетскиот професор Тања Каракамишева-Јовановска во изјава за Дојче веле коментира дека ваквиот развој е добра одредница за детектирање на насоката по која треба да се движи државата, но и јасен сигнал упатен до сите политички чинители во Македонија која тема е ургентно значајна за граѓаните на РМ и како треба да се обработи истата:

„Имам чувство дека надворешниот фактор постојано не враќа на вистинската патека на движење, кога заради неконструктивната и често пати без компас позиција на опозицијата работите се дефокусираат и излегуваат надвор од неа. Оттука, со право се поставува прашањето, кој ја сака повеќе РМ, и кој и мисли подобро на земјата, надворешните претставници или опозицијата? Со демонстрираното поведение на терен одговорот е јасен. Ако г-динот Филе упатува порака до власта и до опозицијата дека политичките субјекти, што значи и едната и другата страна, мора да се фокусираат на евроинтеграцијата, тогаш јасно ни се дава до знаење дека некоја од страните ја оддалечува земјата од евроинтегративниот процес. Ако на оваа порака се додаде и неговиот коментар за позитивните аспекти од работата на Владата секоја област конкретно, поздравувајќи ги реформите согласно целите на претпристапниот дијалог, тогаш на индиректен начин се посочува страната која демонстрира неконструктивност и кочење на реформскиот процес во земјата. За жал морам да изнесам лично чувство на разочараност за лошо изменаџираната и на моменти хазардерски поставената политика на опозицијата во клучните моменти за земјата. Се прашувам дали и за неа, за промените кои мора итно да се случат во СДСМ и потребата од нејзина целосна деконструкција ни е потребно меѓународно претставништво или, сепак, во нас се уште има сила да направиме таква промена за доброто на сите“, смета Каракамишева.

Притисокот врз власта

Засилен притисок за сериозност и политичка консолидираност препознава и универзитетскиот професор Мерсел Биљали. Тој смета дека предизвикот е поголем за владејачката коалиција:

„Сега практично се работи за власт која со резултатот што го освои на локалните избори се покажа дека се стекна со дополнителен капацитет да се снајде со потешките прашања, двата партнера имаат легитимитет и треба да се фокусираат на реформскиот процес во секој сегмент како што вели Филе, а во рамки на тоа и решавање на проблемот со името. Ова последното мислам дека ќе биде главно прашање и сите квалификации ќе бидат во сенка на името, ако се покаже сериозна волја да се постигне напредок. Тогаш ќе имаме не само позитивен извештај туку можеби и датум за старт на преговорите. Исто така и за опозицијата, исто како и власта, сметам дека треба да покаже подготвеност за потребен консензус околу виталните прашања, името и внатрешните реформски процеси“, смета Биљали.

Mazedonien - EU Erweiterungskommissar Stefan Füle
Штефан Филе пред Националниот совет за евроинтеграции (архивска фотографија)Фотографија: MIA

Филе денеска во Скопје јасно не посочи каде и кај кого лежи поголема одговорност, но нагласи дека спроведувањето на договорот од први март е клучен за пролетниот извештај за Македонија што Брисел треба да го објави наредниот вторник. Тој предупреди и дека настаните од 24 декември негативно влиајеле врз медиумите и повика на натамошен дијалог со новинарите. Не пропушти да каже дека извештајот не е завршен и дека сите политички нетрпеливости меѓу политичките субјекти ќе бидат нотирани како негативен момент на контото на земјата.