Филе на средба со шефовите на дипломатиите од Западен Балкан
25 септември 2013Комесарот за проширување на Европската унија, Штефан Филе, утре во Њујорк, во рамки на неговиот престој за време на Генералното собрание на Обединетите нации, ќе одржи работен ручек со министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан, меѓу кои и шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски.
Филе, кој во понеделникот се сретна со Метју Нимиц, медијаторот на ОН во преговорите меѓу Македонија и Грција за решавање на наметнатиот спор за македонското име, се очекува да го заврши престојот во САД со средба со министрите од земјите кои се во процесот на проширување.
Утрешниот работен ручек на комесарот за проширување со шефовите на дипломатиите од земјите од Западен Балкан, го потврди и неговиот портпарол Петер Стано, не прецизирајќи што ќе биде темата на средбата. Се очекува да стане збор за пристапниот процес на Република Македонија и останатите земји од регионот кон Унијата, во пресрет на претстојниот извештај за напредокот на евроинтеграциите што Европската комисија на 16-ти октомври ќе го издаде за Македонија и за останатите кандидати и потенцијални кандидати за членство.