Филе: И со решен проблем со името, нема препорака без реформи
12 октомври 2011Филе и пред новинарите ја повтори информацијата што претходно во денот ја соопшти пред европратениците – Европската комисија ја задржува препораката за преговори, но притоа нагласи дека во земјата е регистриран мал напредок во однос на минатата година. Притоа ја повтори пораката соопштена во септември во Скопје:
„Со моменталниот недостаток на реформи и половичниот пристап во имплементацијата, властите не треба да земаат здраво за готово дека и следната година ќе ја има препораката како оваа година, дури и да се реши прашањето за името“, ја нагласи потребата од реформи еврокомесарот Штефан Филе.
Тој додаде дека ако властите во Македонија ја зголемат посветеноста на реформи и останат на европскиот курс, а притоа се најде и решение за името, тогаш наскоро би имало почеток на преговорите со уште една западно-балканска земја.
Пофалби за Арифи
Филе го нагласи и предизвикот со слободата во медиумите. Рече дека во целиот Западен Балкан поголем предизвик оваа година е слободата во медиумите, како и подобрата заштита на новинарите. Во двете свои денешни обраќања тој ја спомена вицепремиерката за евроинтеграции, Теута Арифи за нејзината посветеност за средување на состојбата со медиумите.
„Имаме некој во Скопје кој сфаќа што е потребно да се направи и соработката е добра. Дефинитивно ќе ја поддржуваме во однос на прашањето за името и за останатите прашања. Таа е толку голем ентузијаст да се поместат работите нанапред“, рече Филе пред европарламентарците во своето прво обраќање денеска.
Филе исто така нагласи и дека билатерални проблеми не треба да го попречуваат проширувањето на ЕУ и оти ќе се бараат начини за надминување на споровите.
Автор: Александар Методијев
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска