1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Филе и Арифи ги разгледувале плановите на владата за реформи

6 март 2012

Еврокомесарот Штефан Филе и вицепремиерката Теута Арифи на средбата во Брисел разговарале за „мерките на владата во Скопје што планира да ги преземе во блиска иднина во насока на клучните реформи“.

https://p.dw.com/p/14Fz3
Теута АрифиФотографија: DW

Тоа стои во писмената информација од кабинетот на еврокомесарот Штефан Филе. Тој ја повторил „посветеноста на Европската комисија да ја продолжи поддршката на Скопје во неговите напори“ во однос на евроинтеграциите. Како пример за тоа се наведува отворањето на пристапниот дијалог на високо ниво, што ќе се случи на 15 март во Скопје.

„Отворањето на пристапниот дијалог на високо ниво ќе им даде нов поттик за нашите односи и подобрување на нашата соработка на реформската агенда, особено во петте приоритетни политички области - слободата на изразување, владеењето на правото, реформата на јавната администрација, изборните реформи и економските критериуми“, вели еврокомесарот Штефан Филе во писмената изјава.

„Ги повторив нашите очекувања во однос на идните напори во овие пет области за да се направи придвижување во демократските реформи и трансформацијата. Напредокот во овие области ќе ја поттикне европската перспектива на земјата“, забележува еврокомесарот Штефан Филе.

Еврокомесарот верува дека пристапниот дијалог на високо ниво ќе ги поттикне реформите. „Ова е важно не само за доброто на земјата, туку исто така е во интерес на поширокиот регион, како и на Европската унија. Ние ќе продолжиме да работиме заедно за да се постигне целта на европската интеграција", забележува еврокомесарот Штефан Филе.

Од Европската комисија за Дојче веле објаснуваат дека отворањето на дијалогот е со цел да се даде импулс во реформите. Потребата колку пати годишно да се одржува, ќе се почувствува по првиот состанок во Скопје, забележуваат од Комисијата. Целта е да се поттикне земјата да се реформира и да работи на европската агенда, за да биде што е можно поподготвена за прием во Унијата во моментот кога ќе се отворат пристапните преговори.

EU Erweiterungskommissar Stefan Füle
Штефан ФилеФотографија: AP

Арифи: ЕУ очекува да работиме повеќе

Вицепремиерката за евроинтеграции Теута Арифи вели дека на состанокот со еврокомесарот Филе ги добила насоките во кои ќе се води дијалот на високо ниво за поглавјата 23 и 24. На состанокот немало критики, укажува Арифи за Дојче веле.

„Не се работи за критики. Ние денеска разговаравме како по овие пет области ќе го направиме процесот и разговорот. Мислиме дека ЕУ очекува со истиот ентузијазам со кој работевме и инсистиравме да го добиеме овој процес кој ќе се отвори на 15 март, исто така да работиме и да дадеме резултат по сите овие области“, изјави за Дојче веле вицепремиерката Арифи.

Сепак, таа укажува дека ЕУ очекува од македонската влада да работи повеќе на исполнувањето на задачите.

„Јас мислам дека фактот што тие одлучија да отворат нов процес со нас зборува за тоа дека тие ценат дека сме работеле доволно и дека очекуваат да работиме повеќе“, забележува Арифи.

На состанокот во Брисел меѓу Филе и Арифи не станало збор за спорот за името, ниту за следниот самит на ЕУ.

Автор: Александар Методијев

Редактор: Борис Георгиевски