1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Филе доаѓа во Македонија за финализирање на пролетниот извештај

АТ/ миа/ макфакс4 април 2013

Комесарот за проширување на ЕК во вторник (09.04) се очекува на разговори во Скопје за финализирање на подготовките за новиот извештај на Комисијата за Македонија. Од Брисел нема детали за содржината на извештајот.

https://p.dw.com/p/189ev
Фотографија: dapd

Прогресот постигнат во петте приоритетни области наведени во декемврискиот извештај од Европскиот совет, кои се дел од пристапниот дијалог на високо ниво ќе бидат главна тема на средбите со еврокомесарот за проширување Штефан Филе, кој во вторник доаѓа во посета на Република Македонија за финализирање на пролетниот извештај за земјата.

Како што изјави вицепремиерот за европски прашања на Македонија Фатмир Бесими на денешната средба со новинарите, Филе, кој ќе биде придружува од директорот на Директоратот за проширување при ЕК Стефано Санино, со македонските владини претставници ќе разговара и за политичкиот дијалог, при што меѓу другото очекува да се нотира надминувањето на политичките недоразбирања меѓу власта и опозицијата што следеше по настаните во Собранието од 24 декември, како и формирањето на Експертската комисија која треба да помогне тие да се расветлат.

Во пресрет на посетата на еврокомесарот за проширување Штефан Филе, од Секторот за евроинтеграции потенцираат дека на состанокот во вторник ќе стане збор и за она што е сработено и што треба да се сработи во делот на реформите, потребни земјата во јуни да добие позитивен извештај и датум за почеток на преговорите.

Останува заложбата за добрососедски односи и решавање на проблемот со името, како клучни за добивањето датум во јуни. „Идејата на тој состанок со Филе е да ставиме што повеќе аргументи за она што е направено, за да можат тие да се најдат во пролетниот извештај“, велат од Секторот за евроинтеграции.

Во меѓувреме Европската комисија засилено го подготвува Специјалниот извештај за Република Македонија што на 16 април комесарот за проширување Штефан Филе ќе го објави во Стразбур, и не објавува никаков детаљ од содржината на овој извештај.

„Не сакам да навлегувам во детаљи кога станува збор за извештајот. Сега сме во т.н. работен процес и само ќе кажам дека Европската комисија ќе го усвои иобјави извештајот на 16 април и тогаш ќе се знае што тој ќе содржи. Претходно не би сакал да кажам ништо повеќе“, подвлекува портпаролот на комесарот за проширување Петер Стано.