1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фејт: Косово не смее да се дели

ЕМФ/миа21 септември 2012

Доскорешниот висок претставник на ЕУ за Косово Питер Фејт, изјави дека постојат три разврски за Косово и статусот на северниот дел на Косово кои не се прифатливи за меѓународната заедница.

https://p.dw.com/p/16CAc
Фотографија: DW

Трите опции за Косово според Фетјт се: враќање кон насилство, оставање на Косово со статус на замрзнат конфликт на северот, и поделба која би ги дестабилизирала соседите и регионот.

„Сите сме согласни дека поделбата на Косово не е опција, иако некогаш мислам дека Белград во некоја фиока го чува овој план. Евентуалната поделба би била несреќна опција, бидејќи длабоко би го дестабилизирала регионот, вклучително и Босна и Македонија“, изјави Фејт во неговото обраќање за состојбата на Косово по крајот на фазата на надгледувана независност на Универзитетот Џонс Хопкинс во Вашингтон.

Фејт ги претстави своите активности за стабилизирање и развој на Косово, при што договорот за демаркација на границата меѓу Косово и Македонија го наведе како особен успех. Според него, напредокот во помирувањето и нормализирањето на односите меѓу Србија и Косово и решавањето на отворените прашања ќе зависи од можноста на Европската унија да им овозможи на двете земји да напредуваат кон ЕУ и да го поврзе напредокот во интеграциите со затворањето на спорните прашања.

„Очекувам позитивен развој во Македонија“

За состојбата во Македонија и за односите во коалицијата, Фејт изјави дека неодамна имал средба со лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети, на кого му пренесол дека очекува позитивен развој на настаните во Македонија.

„Точно е дека има некакви тензии во коалицијата, но сметам дека состојбата во Македонија останува позитивна, и очекувам и натамошен позитивен развој“, изјави Фејт, додавајќи дека тој лично, како посредник во неколку кризи на Балканот, вклучително и во Македонија во 2001. година, не се водел од некоја национална агенда.

„Јас не би рекол дека сум борец за албанскиот национализам, јас бев посредник и работев со албанските заедници да ги вратиме стабилноста и просперитетот во Македонија, јужна Србија и на Косово. Немав некоја посебна агенда и мислам дека бевме успешни бидејќи сите вклучени заедници ми ја дадоа нивната доверба и ги исполнија своите обврски. Имплементацијата на Охридскиот договор, на планот на Ахтисари за Косово, на договорот за јужна Србија се’ уште се во тек“, заклучи Питер Фејт.