1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фејсбук бележи милионски загуби

ЖА/дв/дпа/афп24 октомври 2012

Фејсбук значително го зголемил прометот во третиот квартал од годинава, но сепак е во црвено салдо. Надеж дава силното зголемување на приходите од реклами.

https://p.dw.com/p/16VRw
Фотографија: picture alliance/dpa

Социјалната онлајн мрежа Фејсбук и покрај порастот на обртот бележи милионски загуби во третиот квартал од годината. Од јули до септември загубата изнесува 59 милиони долари, односно два центи по акција, соопшти концернот во Њујорк. Причината за ова е високиот данок на акциите и порастот на општите трошоци.

Прометот на фирмата на Марк Закерберг се зголеми за 32 проценти, на 1,26 милијарди долари. Вредноста на акцијата на Фејсбук порасна за единаесет проценти, на нешто повеќе од 21 долар. При излезот на фирмата на берзата во мај акцијата вредеше 38 долари. Фејсбук е најголемата социјална мрежа во светот со околу една милијарда корисници, а во најголем дел се финансира преку реклами. Токму тие се надежта: Фејсбук во интернет собра многу повеќе пари од реклами од очекуваното.

„Сакам да го урнам митот дека Фејсбук не може да заработи пари преку мобилните апарати“, изјави Закерберг на телефонска конференција со аналитичарите. Билансот кај инвеститорите раѓа надеж дека Фејсбук е на пат да заработи пари од растечкиот број корисници на смартфон и таблет-компјутери.