1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Феудализираната влада на Србија во сериозна криза

Ивица Петровиќ/ Симе Недевски24 октомври 2012

Српската влада западна во криза, има закани и со вонредни избори. Стручњаците сметаат - продолжува лошата српска пракса на феудализација на власта-водење сметка само за партиските интереси.

https://p.dw.com/p/16Uv1
Фотографија: Reuters

Дури и за нестабилната српска политичка сцена изненадување е дека многу брзо дојде до криза во која се зборува и за распишување на вонредни избори. Официјалната причина за таквата криза и размена на остри зборови е загрозувањето на коалицискиот сојуз на Српската Напредна Партија (СНС) и Социјалистите (СПС) во локалната власт во Смедеревска Паланка, како и избегнувањето на пресликување на републичката власт во Лесковец, Сомбор и Кикинда. Сепак постојат и мислења кои наведуваат дека конфликтот на локално ниво е само едно од многуте несогласувања меѓу новите партнери на власт.

Дисциплинирање на политичките партнери

Политичкиот аналититичар Миодрад Радојевиќ за ДВ истакнува дека конфликтот околу формирањето на локалната власт во Србија е само една од точките во спорот меѓу новите власти. Во врвот на власта се разликуваат и погледите околу насоките во борбата против корупцијата, а дополнителено несогласување се јавило и поради изјавите на премиерот Ивица Дачиќ за ЕУ, кои не наишле на одобрување кај коалициските партери: „Постојат две основни причини за сегашната криза. Прва би била желбата на Српската Напредна Партија (СНС) да го дисциплинира својот коалициски партнер и да покаже дека ги држи работите под контрола. Од друга страна, тука е се’ уште во игра и обидот за подмирување на апетитите на партијата на локално ниво. Поради сето ова се добива впечаток дека владата е повеќе оптоварена со внатрешна грижа за рејтингот на одделни политичари и потребата да се зачува моќта во рамките на самата извршна власт.“

Serbisches Parlament Hauptsitz Belgrad Serbien
Фотографија: picture-alliance/dpa/prismaarchivo

Закана со нови избори

Ѓорѓе Вуковиќ, програмскиот директор на ЦЕСИД, смета дека споменувањето на вонредни избори е повеќе закана отколку сериозна намера. СНС инсистира републичката власт да се преслика на локално ниво бидејќи тоа е едноставно дел од коалицискиот договор: „Мене тоа не ми изгледа потребно, посебно гледано од некои општи принципи на демократијата. Значи, не гледам причина зошто локалните власти не би се разликувале. Но, од друга страна, ако сте направиле таков договор, се поставува прашањето зошто воопшто сте влегле во таква игра ако не сакате да ја почитувате. Втора работа е тоа што во определен број општини постојат одредени анимозитети, постои многу лоша комуникација и лоши врски меѓу општинските одбори на СНС и Социјалистичката партија на Србија (СПС), како и Обединетите региони на Србија (ОРС). Таму веројатно е тешко да се направи коалиција како онаа на републичко ниво.

Уште една јалова влада?

Вуковиќ оценува дека целокупната криза покажува оти Србија има структурен проблем кога станува збор за коалицијата на власт: „Со текот на годините, да речеме по онаа влада на Зоран Ѓинѓиќ, ние немаме влада со премиер кој на некој начин ќе се грижи за сите елементи на таа влада. Значи, сегашната доминантна партија нема премиер но затоа има клучни позиции во државата, а има уште една партија која го води секторот за економија; во таа ситуација вие немате тим, бидејќи лидерите на партиите не сакаат да ги приложат сметките за својот процес на владеење на лидерите од другите партии. Тоа во Србија наскоро нема да го видиме, и ова е нешто што е очекувано. Приказната за тоа дека ќе престанеме да имаме феудализација на владата беше наивно.“ Потполно е оправдан стравот дека ќе имаме уште една јалова влада, која времето и ресурсите ќе ги троши на политички игри, а не на решавање на проблемите, предупредува Миодраг Радојевиќ. Тој заклучува дека во тоа оваа влада ја имитира предходната.