1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фестивал на хорови во Келнската катедрала

23 јули 2004
https://p.dw.com/p/AeVT
Фотографија: AP

Минатата недела Келнската катедрала се подмлади за многу, многу години. Во неа пет дена одекнуваа свежите гласови на младински хорови од целиот свет, собрани под покровителство на меѓународното Здружение “Пуери канторес“. 32-та средба од овој вид, што има карактер на биенале, се одржа по втор пат во досегашната историја на германска почва, повторно во Келн, и собра ни помалку ни повеќе, туку 6000 млади католици од САД и Канада, преку Индија и Шри Ланка, до Конго и Габон.

Вакво нешто не доживеале ни најстарите и најверни посетители на старата готска катедрала во Келн. Од утробата на старата дама беа изнесени сите клупи за да има повеќе место за учесниците и посетителите, а сепак во петте дена на фестивалот беше навистина тешко да се најде местенце под високите сводови.

Идејата за создавање на “Пуери канторис“, што во превод значи хор на момчиња, потекнува од Франција:

“Тоа беше францускиот свештеник Абе Фернан Мажие, кој и самиот беше раководител на еден хор под името Пеачи на дрвениот крст. Тој уште во 20-тирте години на минатиот век одел на меѓународни турнеи и се обидувал да ја поттикне меѓународната размена и гостувања, истакнувајќи ја при тоа како централна идејата за мир“ - вели Кристоф Хекелеј, портпарол на Келнската надбискупија.

Но, и основањето на Пуери канторес во 1947 има своја историја. Иницијативата потекнува од тогашниот Папа, кој свесно ја обновил традицијата на хорови на мочиња во Католичката црква и тоа во функција на мисите. Во меѓувреме идејата опфаќа хорови од 25 земји и тоа не само машки, туку и мешани, па и чисто женски.

Ова беше женскиот хор при Келнската Катедрала со Миса бревис од Бенџамин Бритн. Еберхард Метерних, раководителот на сите музички активност во Келнската катедрала, нагласува дека е видливо опаѓање на бројот чисто машки хорови, од една и зголемување на бројот мешани и женски. Оваа трансформација е забележлива уште од 70-тите и 80-тите години на 20 век.

180-те хорови, од кои половината беа од Германија, донесоа со себе не само чисто духовна музика, туку и поразонодувачка:

Сместувањето на шесте илјади деца беше исто огромна задача за домаќините:

“Гостувачките хорови и децата од нив се во најголем дел сместени по семејствата на учесници на манифестацијата од Келн. Често беа пополнети навистина сите слободни кревети во семејствата, што значи не само по едно или две, туку и три гостинчиња. Но, ваквото сместување е дотолку повеќе во духот на оваа манифестација, бидејќи таа подразбира не само настапи, туку и запознавање, дружење меѓу младите од повеќе нации, заедничка молитва – заеднички живот“ - вели портпаролот на Надбискупијата, Хекелеј.

Кулминацијана дружењето овој пат беше заедничката неделна миса во Келнската катедрала - пред заминувањето дома.