1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Феноменалниот Болт

Златко Калински18 август 2013

Јусеин Болт ја продолжува својата спринтерска неприкосновеност и на Светското првенство во Москва. Во финалето на 200 метри победи со најдобар резултат на светот оваа година од 19.66.

https://p.dw.com/p/19RfE
Фотографија: picture-alliance/dpa

Секој негов настап е доживување, секоја негова трка е нов прилог за историјата на атлетиката. И на „Лужники“ Јусеин Болт остана недопирлив.

Последните секвенци од финалето на 200 метри беа слика веќе видена, во која доминантната фигура на големиот шампион фуриозно минува низ целта, оставајќи го „соседството“ на тартанот да се бори за се‘ друго освен за златниот медал. Три титули по ред на 200 метри на светските првенства е единствен подвиг во атлетската историја. Никому досега не му успеало да испише таква победничка трилогија.

„Немав никаков притисок пред финалето. Бев фокусиран на подготовката за трката. Што се однесува до трчањето, имав добар агол и го направив тоа што го направив. Среќен сум, верувам дека направив и многу други така да се чувствуваат“, изјави Болт по трката.

Долг победнички пат

Атлетиката е спорт во кој настаните и личностите постојано се менуваат. Периодот на натпреварувачкото владеење постојано се скусува. Болт веќе половинаа деценија е надвор од спортските законитости. Од 2008-та година наваму на три светски првенства и на две олимпијади, тој не знае за пораз во трките на 200 метри. 13 златни медали од големите светски натпреварувања во моментов се сопственост на највеличествениот спринтер на сите времиња! Роден е за големи трки и за резултати од кои застанува здивот. Најави нов шоу и во Москва, со резултатот од 19.66 не беше блиску до својот рекорд од 19.19 , поставен во 2009 година на олимпискиот стадион во Берлин со вакво објаснување:

„Никогаш до сега не сум бил загрижен за исходот на едно финале на 200 метри. Можеби малиот замор, кој што го почувствував по полуфиналето, придонесе да изостане подобар резултат,“ прокоментира Болт на тема напад на светскиот рекорд. Неговото следно излегување на тартанот во Москва ќе биде во штафетата 4х100 метри во која Јамајка го брани приматот.

Leichtathletik WM 2013 Moskau Usain Bolt
Неприкосновено првФотографија: Reuters

Олимпијадата во Рио, врв на кариерата

Резултатската доминантност на Болт, неговата популарност со секое ново натпреварување стануваат се‘ поголеми и посилни. По двата „страшни“ олимписки настапи во Пекинг и во Лондон со по 3 златни медали, Болт е еден од ретките низ спортската историја, за кого со неполни 26 години се зборува како за жива спортска легенда! Веројатно, атлетската историја не памети толку харизматична личност, која овој спорт го крена на многу повисоко рамниште. Каде е крајот на неговиот спортски подем?

„Мојата цел е да ги одбранам титулите од Пекинг и од Лондон на следната Олимпијада во Рио во 2016 година. Светското првенство во Москва е само подготвителен чекор на тој пат за остварување на таа моја крајна цел“, истакнува Болт.

Во времето на Олимпијадата во Рио, Болт ќе има 29 години. Во меѓувреме во 2015-та ќе се одржи и наредното светско првенство во Пекинг. Период од три години за уживање и восхит во настапите на кралот на брзините, феноменалниот Јусеин Болт.