1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Федерер: „Ова е можеби мојата најголема победа“

8 јуни 2009

Швајцарскиот тенисер, Роже Федерер го освои тенискиот трофеј на Ролан Гарос. Тој во финалето го победи Робин Содерлинг со 3:0 во сетови, и со тоа стигна до својот прв трофеј на француското отворено првенство во тенис.

https://p.dw.com/p/I5SQ
Роже Федерер со посакуваниот пехарФотографија: dpa

Роже Федерер, според освоените 14 титули на „Гренд слем“ турнири, се изедначи со Пит Сампрас. На звуците на националната химна, Швајцарецот се расплака. Ова е волшебен момент за мене, рече Федерер, проследен со еуфорично славје на 15.000 навивачи во Париз. Тој, во последните три години, играше во финалето на Ролан Гарос против Рафаел Надал и секогаш губеше. Сега, на подиумот за победникот, 27 годишниот Федерер, рече: „Ова е можеби мојата најголема победа“. Пехарот му го предаде Андре Агаси, а Федерер се заблагодари со зборовите: „Сакам да му заблагодарам на Андре што е овде. Тоа за мене значи премногу. Во изминатите години сме играле неколку добри мечеви. Ми значи тоа што си овде како човек кој последен ги има освоени сите четири ’Гренд слем’ турнири. Сега знам какво е чувството.“

Roger Federer
Федерер на теренотФотографија: AP

Вториот тенисер на светската ранг листа, со освојувањето на Ролан Гарос ја комплетираше својата „Гренд слем“ колекција - сега ги има освоени сите четири трофеи. Швеѓанецот Содерлинг, беше добар губитник. Тој по мечот изјави: „Роже е навистина заслужен победник. За мене, тој е најдобриот играч во историјата. Заслужи да победи.“ Пит Сампрас, во првите коментари по турнирот, рече дека Федерер веќе важи за најдобар тенисер во историјата: „Она што тој го направи во последните пет години не му успеало никому, а веројатно и никому нема да му успее истото да го повтори.“

Наградниот фонд на Ролан Гарос изнесува 7,3 милиони евра, од кои Федерер доби нешто повеќе од милион евра, а второпласираниот Содерлинг 530.000 евра.

Батон за зацврсти на првата позиција

Во трката за Големата награда на Турција, пак, победи возачот на Брон ЏиПи, Џенсон Батон. Ова е шеста победа на Батон во шампионатот на Формула еден и четврта една по друга во последните седум трки. Батон трката во Истанбул ја заврши со време од еден час, 26 минути и 24 секунди. На второто место е возачот на Ред Бул, Марк Вебер со 6,7 секунди заостанување, додека трет низ целта мина Себастијан Фетел од Ред Бул со нешто повеќе од седум секунди заостанување. Фетел, инаку, на трката во Истанбул, стартуваше од „пол позицијата“. Тој ја загуби првата позиција на патеката откако излета на тревата, по што беше претекнат од страна на Батон. „Згрешив. Но, мислам дека тоа не ги промени многу работите, зашто Џенсон денеска беше многу брз. Не сум среќен, но сите во екипата мора да бидеме задоволни“, изјави Фетел.

Formel 1 Rennen in der Türkei
Големата награда на ТурцијаФотографија: AP


Во генералниот пласман, Батон го зголеми водството пред клупскиот колега Рубенс Барикело на 26 бодови, и сега има 61 бод. Фетел на третата позиција има 28, а Вебер 27,5 бодови.

Неколку фудбалски репрезентации си осигураа место за Светското фудбалско првенство 2010

Фудбалските репрезентации на Холандија, Јапонија, Австралија и Јужна Кореја се првите кои се пласираа на светското првенство што ќе се одржи во Јужноафриканската република, во 2010 година. Англија е на добар пат да се пласира, по победата над Казахстан од 4:0 и сега води во групата 6 со шест победи од шест натпревари. Јапонија, втор пат по ред се квалификува за Светското првенство, по победата над Узбекистан од 1:0. Австралија одигра нерешено со Катар и на светско првенство во фудбал ќе учествува по трет пат. На Јужна Кореја, пак, мундијалот во Јужноафриканската република ќе и‘ биде седми по ред. Таа ја победи репрезентацијата на Обединетите Арапски Емирати со 2:0. Холандија натпреварувањето го продолжува без ниту еден пораз досега. За време на викендот „портокаловите“ го победија Исланд со 2:1.

Logo Fussball WM 2010 Süd Afrika
Светско првенство 2010

Од Европа, на светското фубалско првенство ќе учествуваат победниците во деветте квалификациони групи, додека осумте второпласирани екипи ќе играат во бараж за пополнување на уште четири места. Германија води во четвртата група, а Данска во групата 1 и има шанса за пласман, првпат по 1996 година. На чекор до пласман е и Србија, која во групата 7 има 15 бодови од шест натпревари. Македонија, во деветтата група, е на четвртата позиција, со досега освоени четири бода. Натпреварот со Норвешка, одигран пред два дена, заврши нерешено 0 спрема нула.

Автор: ЕМФ/АТ/дв/дпа/бета

Редактор: Жана Ацеска