1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фајон за ДВ: Направивме чекор назад

Тони Гламчевски13 септември 2013

Европратеничката Тања Фајон од групата на Сојузот на прогресивните социјалисти и демократи, во интервју за ДВ се осврнува на опасностите и последиците од донесувањето на механизмот за суспензија на безвизниот режим.

https://p.dw.com/p/19h03
Фотографија: DW/S. Padori-Klenke

Дојче веле: Европскиот парламент даде зелено светло за механизмот за суспензија на визите. Што тоа значи за земјите од Западен Балкан и земјите од ЕУ?

Тања Фајон: Јас сум навистина разочарана што европските конзервативни сили во ЕП го добија компромисниот договор, кој е многу лош, особено кога е во прашање механизмот за суспезнија на безвизниот режим. Сега Европскиот парламент повеќе нема да има надлежност и нема да одлучува кога ќе има случај на суспензија. Ние направивме преседан, кога се откажавме од нашите надлежности во процедурата по прашања кои се најбитни, како визната политика и добрососедството. Што тоа ќе значи во праксата? Јас се надевам дека тој механизам ќе биде последно средство, така како што предложи Комисијата. Но стравувам дека некои европски земји ќе се обидат, како што тоа го направија и во минатото, да го злоупотребат тоа како некое политичко средство и да побараат суспензија. Тогаш ќе биде доволно само мнозинство во Советот. Поради тоа јас стравувам дека направивме чекор назад во ЕП, кога е во прашање заштитата на европските граѓани и слободата на движење.

Зошто се случи таа промена на ставовите во ЕП, ако се знае дека до пред неколку години постоеше друго расположение?

Уште се прашувам зошто известувачот, шпанскиот европратеник Диза де Мера, го промени ставот во последен момент. Не знам што е во прашање. Преговорите течеа долго време, две и пол години, притисокот на земјите членки на ЕУ беше голем, тој механизам беше потребен за да одиме подалеку во безвизниот режим со трети земји. Сега се‘ е некако застанато, бидејќи земјите членки имаат средство со кое можат да ги затвораат границите ако има ненадеен прилив на азиланти.

Но треба да се знае дека Европската народна партија има мнозинство во парламентот. Ние се боревме до крај, нашата социјалистичка група и сите колеги кои се занимаваа со Западен Балкан разбраа за што станува збор и не‘ поддржаа при гласањето.

Дали на ваквиот тек на гласањето влијаеја идните европски избори и изборите во некои европски земји?

Во минатото веќе видовме како некои европски политичари ја користеа визната политика, како на пример во Германија во предизборната кампања, кога се закануваа дека ќе воведат визи за земјите од Западен Балкан, бидејки има премногу азиланти. Вистината е дека денес бројот на азиланти во Европа е многу помал во споредба со минатата година. Значи, нема вистинска причина за европските земји денес да побараат воведување на механизмот и се надевам дека нема да го користат истиот како политичко средство.

Дали навистина постои опасност безвизниот режим за земјите од Западен Балкан да биде наскоро загрозен?

Денес не би шпекулирала, постоеја обиди во минатото. Се разбира дека постои можност некоја земја да побара суспензија поради кои било причини. Тогаш се надевам дека Европската комисија ќе има доволно сила да ја запре процедурата. Но јас стравувам, бидејќи ЕП, кој беше најсилен поддржувач, повеќе нема да има улога и нема да има демократска контрола од страна на граѓаните на целиот процес. Тоа е многу опасно, посебно кога сме во ситуација кога во ЕУ има многу популистички и националистички сили, кои земјите ги водат во изолација, наместо во интеграција.

Вие посочивте на проблемот со можната нова дискриминација на Ромите и јакнењето на антиевриопските чувства во регионот?

Земјите од Западен Балкан треба да направат нешто за интеграцијата на Ромите, бидејќи припадниците на малцинствата се тие кои најчесто бараат азил. Да бидам искрена, според мене, Ромите во Србија и Македонија се подобро интегрирани во општеството, отколку во некои други земји членки на ЕУ. Така овие мерки можат само да засилат некои чувства кон припадниците на мацинствата, како на пример кон Ромите. Тоа е опасно и на крај механизмот ќе биде казна за граѓаните кои нормално го користат безвизнот режим. Од друга страна, владите на Запдниот Балкан можат да преземат мерки за зачувување на безвизиот режим, кои ќе бидат опасни за слободата на движење на граѓаните, што значи дека ние предизвикавме лоши последици.