1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Фантомска“ награда за Дојче Телеком за лош германски

6 септември 2011

Извршниот директор на германскиот Телеком трпи критики дека користи премногу англицизми во рекламите. Речиси 5 000 луѓе гласаа да му дадат титула како непријател број еден на германскиот јазик за оваа година.

https://p.dw.com/p/12Re8
Наградата се доделува за преголемо користење на странски зборови во германскиот јазикФотографија: Fotolia/kebox

„Фри кол интернешнал адвансед“, „Кол енд сурф комфорт“, „Екстрим плејграундс“ – називи што изгледаат како да дошле од британски или американски каталог за телекомуникациски производи.

Но, тоа се називи што ги користи германскиот телекомуникациски гигант Телеком за ословување на своите сервиси и пакети. Оваа широко распространета употреба на англискиот јазик му ја донесе на извршниот директор, Рене Оберман титулата „Јазичен фалсификатор на годината“.

Таа титула се доделува годишно од „Асоцијацијата за германски јазик“ (ВДС) на личност или организација која што најнедопустливо користела англицизми во германскиот јазик.

René Obermann wird neuer Telekom-Chef
Рене Оберман е вториот извршен директор на Телекомот, што ја добива титулата „Јазичен фалсификатор на годината“Фотографија: AP

„Кабинет на ужасот

Претседавачот на „Асоцијацијата за германски јазик“, Валтер Кремер изјави дека посетата на веб страницата на германскиот Телеком е „шок терапија во кабинетот на ужасот на германскиот јазик“.

Тој се противи на фактот дека речиси сите производи понудени од Телеком имаат англиски називи, како „Викенд флетс“ и „Ентертејн комфорт“ до “КомбиКард тинс“ и „Кол енд сурф мобајл френдс“.

Кремер ја обвинува компанијата за „повеќегодишно разбеснување на своите потрошувачи со увезени англиски зборови“.

„Меѓународна компанија“

Телекомот ги отфрла критиките за употребата на англискиот јазик за имињата на производите, велејќи дека употребените термини сега се дел од секојдневниот говор.

„Телеком е интернационална компанија со меѓународни производи за кои се потребни интернационални називи“, изјави портпаролот на компанијата, Кристијан Фишер.

Фишер додаде дека нема смисла да се користат германски имиња за продуктите, што се во рекламите на аеродромите со меѓународни потрошувачи.

Вторпат за Телеком  

Оберман е вториот извршен директор од Телеком, кој ја прима оваа титула. Неговиот претходник, Рон Сомер беше одликуван во 1998 година, за користење на англиските зборови „Саншајн“ и „Муншајн“ за пакетите со различни тарифни модели.

Dossierbild Kabinettsitzung Missbrauchskandal
Министерката за фамилијарни прашања, Кристина Шредер, заврши на второто место, за користење англицизми во насловот на една иницијатива што ја стартуваше пред извесно времеФотографија: AP

Второто место оваа година беше доделено на германската министерка за семејство, Кристина Шредер за нарекување на една од нејзините иницијативи „Икуал пеј деј“, наместо да го користи германскиот еквивалент на тој израз.

Организацијата на германската евангелистичка црква заврши на третото место, обвинета за користење на англиски имиња за активности дизајнирани да привлечат млади верници. И оваа организација ги отфрли критиките, велејќи дека називите биле користени од независни организации, што биле само слабо поврзани со централната црква.

Ненационалистички цели

„Асоцијацијата за германски јазик“, што е стационирана во западниот германски град Дортмунд, е основана во 1997-ма година. Нејзината јавно потврдена цел е да го заштити и промовира германскиот јазик како културолошки независен јазик.

Таа сега има околу 34 000 членови, што ја прави најголемата таква организација во Германија. Членовите тврдат дека таа не е националистичка група, па дури и дека сака користење на англиски зборови, кога германскиот не е соодветен.

Автор: Тимоти Џонс/ Александар Методијев

Редактор: Симе Недевски