1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фаворити и аутсајдери

Тони Гламчевски22 април 2007

Околу 44,5 милиони Французи се повикани денес пред урните за да ги изберат двата финалисти за вториот круг на претседателските избори. Бројот на запишаните гласачи е рекорден. Во споредба со претходните претседателски избори од 2002, денес има 3,3 милиони избирачи повеќе.

https://p.dw.com/p/Abxc
Фотографија: AP

Тие за прв пат ќе гласаат за кандидати кои не доаѓаат од функцијата претседател или премиер. За кандидатите, со исклучок на два, не може да се рече дека се нови лица на француската политичка сцена. Многумина од нив биле министри во повеќе влади или пак пратеници. Со исклучок на кандидатите од крајната левица. Па, дури и Ле Пен бил пратеник во Националното собрание и се уште е европратеник.

За изборите мобилизацијата е голема, посебно кај младите кои по прв пат ќе гласаат.

"Важно е да се гласа, бидејќи се ангажира иднината на Франција за идните пет години. Ние младите не се чувствуваме обврзани да гласаме, затоа можеби треба да не поттикнат за нашите граѓански должности."

Убавиот и топол пролетен ден, нема да влијае врз гласачите.Тие велат:

“Се разбира дека ќе гласаме. И покрај присуството на сонцето потребно е да се гласа. Совеста нема да ми биде мирна ако не гласам. Можеме да се прошетаме пред или по гласањето.”

"Нема да гласам, бидејќи кандидатите секогаш ни даваат убави ветувања и на крајот кога се избрани, нема ништо од ветувањата" вели една четириесет годишна жена. Пред пет години дури 28% од Французите не гласаа.

Иако предизборната кампања донесе многу новини во начинот на кој таа беше водена. Дури 59 отсто од Фанцузите сметаат дека предизборната кампања била со лош квалитет. За 60 проценти од испитаните таа им дала желба да гласаат.

“Нас не ни е сеедно... Жалиме малку за збрката... Нашата грижа е за внуците, според најавите како ќе се гласа. Ние сме вознемирени од се она што го слушнавме”, вели една брачна двојка на пензионери кои денес со сигурност ќе гласаат.

Првите резултати ќе бидат познати вечерва во 20 часот. Судејќи според сондажите, кандидатот на владејачката УМП (формација од десницата), Никола Саркози очекува да добие најмногу гласови. Кандидатката на социјалистите, Сеголен Роајал, се надева на втората позиција, исто како и изненадувањето на кампањата, Франсоа Бајру од редовите на УДФ (формација од центарот на десницата). Не треба да се заборави ниту на лидерот на крајната десница, Жан-Мари Ле Пен.

Останатите осум, ако им се верува на сондажите, кои згрешија во прогнозите за сите гласања во последните пет години, сите осум заедно нема да добијат повеќе од 10 проценти од сите гласови. Но, гласовите кои ќе отидат на нивно име можат да им ги поматат сметките на Саркози или на Ројал.

Од денешните избори, чии официјални резултати треба да бидат објавени најдоцна до среда во 20 часот, зависи политичката судбина не само на кандидатите, туку и на нивните политички формации.