1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фаворитите без проблеми

18 јануари 2010

Пролетниот дел од сезоната 2009/2010 во германската фудбалска Бундеслига започна без изненадувања. Првите три екипи на табелата по есенскиот дел Бајер Леверкузен, Шалке и Бајерн Минхен славеа победи.

https://p.dw.com/p/LYkj
Играчите на Бајер Леверкузен ја слават победата против МајнцФотографија: AP

Есенскиот шампион во Бундеслигата Бајер Леверкузен извонредно го започна продолжението на сезоната и му дозволи на Бајерн од Минхен да биде на врвот на табелата само 19 часа. Тимот на тренерот Јуп Хајнкес во саботата славеше убедлива победа на домашен терен против екипата на Мајнц со 4:2. Сепак на крајот од мечот Хајнкес подели и по некоја критика за настапот на фудбалерите на Бајер: „Повторно климаво го започнавме натпреварот. Екипата меѓутоа реагираше извонредно и многу мотивирано по водството на гостите од 1:0. И притоа имавме пред се’ голем посед на топката и игравме добро во нападот по што ги постигнавме нашите голови.“

Fußball Bundesliga Schalke Nürnberg
Кевин Курањи ( во средина) му донесе победа на ШалкеФотографија: AP

Есенскиот вицешампион Шалке не започна блескаво како Бајер, меѓутоа и покрај тоа целта беше остварена. На домашниот стадион во Гелзенкирхен тимот на тренерот Феликс Магат вчера освои три бода во тешко извојуваната победа против Нирнберг. Шалке значи ја искористи шансата и натаму со 37 бодови заостанува само еден бод зад водечкиот Бајер од Леверкузен.

Стрелец на голот во бледото издание на Шалке, беше Кевин Курањи во 48 минута. Меѓутоа и стрелецот на овој златен гол мораше да призне дека победата против Нирнберг била среќна: „Да, не беше едноставно. Ние не одигравме особено добро прво полувреме. Во второто беше подобро. Фарфан имаше многу добра акција и јас го постигнав голот. Потоа се обидувавме да играме напаѓачки и да создаваме шанси. Но, важно беше дека на домашен терен ги задржавме сите три бода и во натпреварите што остануваат мораме да одиграме уште подобро.“

Нирнберг со поразот остана закован во опасната зона на табелата.

Бајерн Минхен ја продолжи серијата победи

Со победата на домашен терен против Хофенхајм, Бајерн Минхен во петокот, по пауза од 608 денови можеше барем накусо повторно да ужива на врвот на табелата. По победите на Бајер и на Шалке, Баварците повторно се на третото место со два бода заостанување зад тимот од Леверкузен. Екипата на тренерот Луис ван Гал славеше со головите на Мартин Де Микелис и на Мирослав Клозе и ја продолжи серијата од седум победи по ред. Стрелецот Мирослав Клозе по мечот изјави: „Тоа сметам дека беше и нашата цел вечерва. Да победиме дома и повторно да бидеме на врвот на табелата што нормално е добро за нас.“

Fußball Bundesliga München Hoffenheim Flash-Galerie
Мирослав Клозе го постигна својот прв гол за Бајерн сезонаваФотографија: picture-alliance / Sven Simon

И Борусија од Дортмунд по кратката зимска пауза ја продолжи својата победничка серија и го задржа приклучокот кон водечката група на табелата. Вчера Борусија славеше на гости против Келн со 3:2 во вистинска фудбалска драма. Младиот играч од Дортмунд Кевин Гроскројц во последната минута од натпреварот го постигна одлучувачкиот гол и со тоа му ги обезбеди петтата победа по ред и единаесетиот натпревар без пораз на својот тим во Бундеслигата.

На табелата екипата на Јирген Клоп со 33 поени и натаму е на петтото место и на пет бодови ја зголеми предноста пред шестиот на табелата Вердер од Бремен. Тренерот Клоп на крајот изјави дека и покрај сета драматика неговиот тим победил заслужено: „Сметам дека со извонредното остварување на Кевин Гроскројц во последната минута со заслужена победа го напуштивме теренот, иако се’ на се’ тоа беше и несреќен пораз за Келн, зашто тие успеаја да изедначат на 2:2. Но добро, таков е фудбалот.“

Вердер стартуваше лошо

Екипата на Хамбургер исто така славеше победа во првото коло од пролетниот дел на сезоната 2009/2010 и тоа против Фрајбург со 2:0. Тимот од Хамбург и покрај долгиот список на повредени играчи во екипата петти пат по ред успеа да остане непоразен. Со 34 бодови на своја сметка екипата на тренерот Бруно Лабадиа останува на четвртото место со два бода заостанување зад третиот Бајерн Минхен и еден бод предност пред петтата Борусија Дортмунд.

Fußball Bundesliga Frankfurt Bremen Flash-Galerie
За Вердер сезонава ќе биде тешкоФотографија: AP

Тренерот Лабадиа беше задоволен по мечот: „Нормално, се радуваме дека имавме добар старт во продолжението на сезоната и дека го продолживме она што го прикажувавме на крајот од есенскиот дел: одлучно да настапуваме, да работиме добро со топка и да создаваме шанси.“

Наспроти ова на Вердер му се заканува да го загуби приклучокот со водечките места на табелата. „Зелените“ од Бремен загубија минимално во Франкфурт од домашниот Ајнтрахт и со тоа го забележаа третиот пораз во серија. Согласно тоа по мечот незадоволството кај тренерот Томас Шааф беше големо: „Денеска видовме натпревар каков што повеќепати гледавме оваа сезона, во кој ние ја имавме играта, контролата над топката, и во пронцип постојано бевма во акција, но во кој исто така не го остваривме резултатот што е неопходен.“

Ајнтрахт со победата го зацврсти своето место на средината на табелата.

Херта конечно победи

Fußball Bundesliga - Hannover 96 gegen Hertha BSC Berlin
Ќе успее ли Херта да направи чудо и да се спаси од испаѓање?Фотографија: AP

Голем чекор за оддалечување од дното на табелата направи Штутгарт кој на домашен терен го победи бранителот на титулата Волфсбург со 3:1. „Швабите“ со победата над клубот на нивниот поранешен тренер Армин Фе се искачија на 12-то место на табелата. „Имавме намера да продолжиме онаму, каде што застанавме во есенскиот дел од сезоната. И успеавме во тоа“ , задоволно изјави по мечот одбранбениот играч на Штутгарт, Кристијан Треш.

Херта од Берлин и натаму е на дното на табелета, но затоа со стартот на пролетниот дел ја забележа својата втора победа сезонава и тоа на гостински терен во Хановер со 3:0. За тренерот Фридхелм Функел ова беше перфектен заслужен старт на продолжението на сезоната: „Сметам дека од почетокот на мечот се виде дека ние сакаме да победиме на овој натпревар. На играчки план бевме многу силни, често бевме во посед на топката, игравме добро во нападот и сосема добро го контролиравме натпреварот, освен во неколку куси фази.“

Во Рурското дерби Борусија од Менхенгладбах загуби на домашен терен од Бохум со 2:1. Бохум со овие три бода направи скок на 13 место на табелата.

Автор: Кале Копс/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска