1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уште еден менаџер на „Сименс“ пред суд поради мито

Дирк Кауфман/Христијан Игнаци/ Жана Ацеска7 септември 2013

Откривањето на големиот скандал со мито во „Сименс“ беше пред 7 години, но последиците уште се тука. Пред суд се наоѓа уште еден член од раководството. Освен тоа, уште еден случај остава дамка на угледот на концернот.

https://p.dw.com/p/19d5o
Фотографија: picture-alliance/dpa

Пред Покраинскиот суд во Минхен денеска почна процесот против Уриел Шареф, поранешен член во Централниот управен одбор на Сименс. Државното обвинителство го обвинува за „посебно тешка проневера и поттикнување на неа“.

Во 2003 година фирма во сопственост на „Сименс“ подмитувала аргентински владини претставници за да добие тендер во оваа земја. Притоа, се работело за изработка на лични документи со посебна заштита од фалсификување, нови документи за земја со повеќе од 40 милиони жители. За добивање на зделката, според обвинението, „Сименс“ платил околу 9,5 милиони американски долари поткуп.

Аргентинската „пасошка афера“ зафатила широки кругови. Во поткупените лица се вбројуваат и министри и државни секретари. Наводно, пари примил дури и тогашниот претседател на државата, Карлос Менем.

Лабав пристап кон корупцијата

Во концернот корупцијата во тоа време немаше толку строг третман како денес, напротив: „Сигурно е дека ’Сименс’ со години имал систем на црни каси“, вели Ханс Лајендекер, еден од реномираните истражувачки новинари кој аферата со мито во „Сименс“ ја следи за весникот „Зиддојче цајтунг“.

Цела редица менаџери од „Сименс“ обезбедувала зделки за технолошкиот концерн преку плаќање поткуп. Во технолошкиот коцерн не се возбудувале многу за случаите со поткуп. „Соработниците кои биле фатени биле делумно прераспоредувани на други работи, но дури и унапредувани“, објаснува Лајендекер во разговор за Дојче веле.

Uriel Sharef
Уриел ШарефФотографија: Getty Images/Afp/Andreas Solaro

Не е прв процес

Судскиот процес против Уриел Шареф не е прв против високо позициониран менаџер на „Сименс“. Пред две години пред суд мораше да се појави Томас Гансвинд, поранешен член на раководството во концернот. Тој беше обвинет за водење „црни каси“ за потребите на неговите работодавачи. Судиите неговата лична вина притоа ја оценија за толку мала, што постапката против него беше прекината во мај 2011 година. Но, тој требаше да плати парична казна од 175 илјади евра.

Но, концернот ова го чинеше многу поскапо. Корупциските афери, обелоденети во 2006 година, го чинеа „Сименс“ околу 2,9 милијарди евра, вклучувајќи ги казните, судските трошоци и дополнителното плаќање данок. „Сименс“, произлезе од веројатно најголемиот скандал со мито во германската економска историја, за да дојде до атрактивни зделки илегално за поткуп употребил околу 1,3 милијарди евра.

Актуелниот процес против Уриел Шареф, невладината организација „Транспаренси Интернешнл“ го проценува како важен без оглед на исходот. Важно е постапката да биде довршена до крај, зашто ако таа биде прекината, како во случајот со Гансвинд, многу работи нема да излезат во јавност. Одбраната на менаџерот пак смета на ослободителна пресуда.

Да се учи од старите грешки

Сеедно како ќе заврши актуелниот судски процес, „Сименс“ се чини извлече поуки од корупциските афери, како што истакнува Христијан Хумборг од „Транспаренси интернешнл“: „’Сименс’ не можеше да го ’испере’ својот углед, но може да се потруди да не биде пример за корупција во Германија“. #b

Во меѓувреме, истакнува новинарот Лајендекер, во претпријатието постои сосем поинаква политика: „Ако е потребно мито за да се добие некој тендер, тогаш ’Сименс’ се повлекува. Сега веќе постои стратегија на нула-толеранција кон мито. Оној кој ќе прими мито, лета од фирмата“.

Нови грешки?

Но, со денешниот процес се чини не завршуваат „гревовите“ во концернот. На „Сименс“ му се заканува нова непријатност, овојпат во Бразил. Во врска со изградбата на метро во Сао Паоло некои меѓународни концерни, меѓу кои и „Сименс“, вршеле недозволен договор за цената. „Сименс“ сигнализираше подготвеност да соработува со властите. „Сименс“ може да се извлече, но тоа не е сигурно-сојузната држава Сао Паоло најави тужба против концернот. Можно е имиџот на „Сименс“ повторно да добие нови гребнатинки.