1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Училиште без оценки

Дагмар Беднарек / Елизабета Милошевска Фиданоска10 ноември 2012

Училиште без оценки? Постои ли такво нешто? Да, и тоа одењето на училиште е слободно организирано. Сеедно кога се оди на училиште, важно е да се исполни обемот од 25 часа неделно.

https://p.dw.com/p/16VWC
Фотографија: Fotolia/Photo_Ma

Демократско училиште во Берлин Хајлигензе - овде нема заеднички училишен почеток. Единствениот услов е децата да се впишуваат во листата за присуство и во училиштето да бидат 25 часа во неделата.

Во ова приватно училиште учениците од прво до десетто одделение самите одлучуваат што и кога сакаат да учат. Родителите за тоа плаќаат по околу 150 евра месечно.

„Што ако мама или тато прашаат што си направила денеска во училиште и ти речеш дека си играла со коцки? Како реагираат на тоа?“

„Па, мама малку се лути ако само играм со коцки.“

Овде нема настава во класичен смисол. Овде понудата е прилагодена на учениците. Учеството е доброволно. Мартин е таканаречен придружник на учењето географија. За тоа денеска интерес има само 14-годишниот Пан.

„Може да се случи учениците токму во тој момент да сакаат да прават нешто друго што за нив е важно. Тогаш размислуваме дали наставата временски да ја поместиме или едноставно да се видиме друг пат“, објаснува Мартин.

Schreibwaren Büromatreial Stifte
Фотографија: Fotolia/picsfive

За овие деца нема седење, оценки и писмени работи. Училиштето е основано во 2010 година, а концептот на учење доаѓа од САД.

„Кај нас децата не мора да прават ништо, што значи не мора и да полагаат. Но, ако сакаат, што е нормално на возраст од 12, 13 или 14 години, кога децата имаат желба за одредена професија, тогаш можат да учествуваат на таканаречените МСА-курсеви кои се подготвителни за МСА-испитите, односно испити кои се полагаат на крајот од десеттото одделение“, вели Бјорн, исто така придружник на наставата.

Завршувањето на таканаречениот среден степен на образование, по 10. одделение, се постигнува со полагање на државните завршни испити. Да се учи без никаков притисок е тешко.

„Знам дека правам премалку и дека треба да учам повеќе и тоа имам намера да го направам наредната недела.“

Во Германија училиштето е задолжително. Покрај околу 45.000 државни училишта, има и околу 5.000 приватни. Демократското училиште во Берлин е четврто од ваков вид во Германија - образовен модел од поинаков вид.