1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Schüler Studenten Bildung Streik

17 јуни 2009

Денеска е ударниот ден на неделата протести против состојбата во германскиот образовен систем. Учениците и студентите акцијата ја нарекоа „Прв се’државен штрајк за образованието“.

https://p.dw.com/p/ICCH
Повеќе проблеми ги мачат учениците и студентитеФотографија: AP

Околу стотина ученици седат во круг на ливада во центарот на Бон. Некои си понеле дури и вреќи за спиење. На шаторите се истакнати жолти плакати со натписот: „Образовен штрајк 2009“. Учениците демонстрираат за повеќе работи одеднаш, но една посебно им лежи на срце: „Образованието мора да биде слободно и бесплатно, инаку солидно образование можат да си дозволат само децата на богати родители“, вели 17 годишниот Штефан Тасев.

За голем број ученици сериозен проблем претставува и раното диференцирање во германскиот образовен систем. Веќе по четврто одделение учениците се раздвојуваат во три разни образовни институции. Оние со најдобри оценки продолжуваат да учат во гимназија. Нивните другари со нешто полоши оценки одат во т.н. реалшуле, а оние со најслабите во т.н. хауптшуле. На тој начин се врши селекција уште од најрано детство и се создава раслојување меѓу децата на 10-годишна возраст.

Потребен е долг здив

И Штефан Тасев, активен учесник во штрајкот, се сомнева дека со неделата на протести може да се смени нешто во ваквите системски проблеми. И тој знае дека за длабоки промени треба време, дека станува збор за долготраен процес. „Образованието нема да стане подобро за само една година и тоа само затоа што на улица излегле неколку илјади ученици“, вели Тасев.

Klassenarbeit in Leipzig
Училниците се преполниФотографија: picture-alliance/ dpa

Засега учеството на манифестациите не е големо. Организаторите се надеваат дека бројот ќе се зголеми во текот на неделава, особено денес (17.06.09) за кога се закажани повеќе поголеми демонстрации. Ученикот Тим Опелц има свој мотив зошто им се приклучува на јавните протести: „Премногу ретко има можност да се излезе на избори. Јас освен тоа имам само 17 години, значи и немам право да бирам. Единствениот начин да го кренам гласот е да излезам на улични демонстрации, само тогаш ќе се чуе моето мислење. И само така, преку притисокот со улични демонстрации може да се менува политиката!“

Индолентни студенти

За студентите неговите аргументи се чини не важат. На ливадата во центарот на Бон речиси и нема студенти. Тие седат во унверзитетските кафулиња. Овде мириса на кафе, студентите седат во помали групи по тројца или четворица и гледаат во работните материјали. Меѓу нив се и Оља и Катја од Русија, кои на прашањето зошто не учествуваат во демонстрациите за подобро образование, одговараат: „Имам предавања, на кои што сум обврзана да одам, едноставно немам време!“ „И јас дојдов на предавање, досега не сум видела ни чула ништо од тој штрајк, сега слушам за прв пат!“

Latein-Unterricht in Bremen
Учениците се незадоволни од системотФотографија: picture-alliance/ dpa/dpaweb

Слично е и со Тамара, која потекнува од Израел и исто студира во Бон. Тамара сепак знае што треба под итно да се менува во образовниот систем: „Мислам дека партиципацијата за студиите е преголема.“

Студии за богатите!?

Ова е голем проблем за студентите, кои во покраината Северна Рајна Вестфалија плаќаат околу 500 евра по семестар. Секоја од германските покраини има своја регулатива околу плаќањето на студиите, така што во источните на многу места не мора ништо да се плати. Едно од барањата на студентите е укинувањето на обврската да се плаќа за студирање. Во меѓувреме се создаде и противдвижење меѓу студентите, што го организира конзервативната факултетска група. Таа повика и на бојкотирање на штрајкот. Колку тоа има влијание на малиот одѕив на студентите, останува да покажат наредните денови. Во секој случај, демонстрациите на учениците на ливадата во центарот на Бон заврши со гласна музика на еден хип-хоп бенд составен од ученици.

Автор: Клаус Даман / Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска