1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Утре средба Груевски - Црвенковски

ЖА/миа21 јануари 2013

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски утре ќе се сретнат во обид да изнајдат решенија за политичката криза и за учество на опозицијата на претстојните избори.

https://p.dw.com/p/17OU8
Фотографија: Petr Stojanovski

Средбата, што ќе се одржи утре во 13:30 часот во Клубот на пратениците, е на иницијатива на премиерот Груевски кој денеска упати покана до Црвенковски.

„Република Македонија во рамките на својот државно правен развој се соочувала со предизвици од различен карактер, кои со мудро и одговорно однесување успевала да ги надмине и да извлече позитивни пораки, а притоа и да стане посилна. Во контекст на предизвиците кои се поставени пред нас, а кои бараат наше одговорно и сериозно поставување, како и внимание и заштита на државните интереси, како и интересите на сите граѓани на Република Македонија, би сакал да ја истакнам потребата од остварување на заедничка средба на која би се дискутирале прашањата од интерес и потреба“, вели Груевски во поканата до Црвенковски.

„На средбата“, наведува тој, „би можеле да поразговараме околу видувањата за изборите, за согласно принципите и уверувањата, како и утврдените демократски стандарди да изнајдеме решенија за учество на Социјалдемократскиот сојуз на претстојните избори“.

Република Македонија, подвлекува во поканата Груевски, спроведува реформи и проекти и мерки на сите полиња, а се наоѓа и во еден динамичен и интензивен евроинтеграциски процес, и како политички лидери треба да го вложиме својот авторитет за да овозможиме негова поддршка и развој на нашата земја, и ние тоа им го должиме на граѓаните.

Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз Бранко Црвенковски, прифаќајќи ја поканата за средба, изрази надеж дека кај премиерот Груевски постои искрена политичка волја заеднички да се утврдат и реализираат сите предуслови за одржување слободни и фер избори како прв неопходен чекор за нормализирање на односите и создавање нов и неспорен кредибилитет на државните институции, кои единствено можат да го овозможат граѓаните на Република Македонија.

„Оттаму свесни за длабоката политичка криза во која се наоѓа земјата по немилите настани кои се случија пред и на 24 декември, заради создавање на амбиент за успешни ЕУ и НАТО интеграции на земјата ја прифаќам Вашата покана“, вели Црвенковски во одговорот на Груевски.

Македонија, додава лидерот на СДСМ, на патот за остварување на своите стратешки цели во ниту еден момент како држава не смее да ги поставува под знак прашање основните цивилизациски достигнувања и деморкатски развој, кои претставуваат столб за секоја модерна и интегрирана држава.