Успешните настапи на Ајнтрахт продолжуваат
1 октомври 2012Ајнтрахт Франкфурт актуелната сезона во Бундеслигата ја започна како новајлија. По една година престој во второлигашката конкуренција, екипата се врати во лигата на најдобрите клубови во Германија со огромен полет. Во првите шест кола тимот предводен од тренерот Армин Фе не знае за пораз. Во последниот натпревар во неделата Ајнтрахт славеше заслужена победа против екипата на Фрајбург на домашен терен со 2:1. Со 16 бодови новајлијата во лигата се наоѓа на второто место веднаш зад Бајерн од Минхен кој има перфектен биланс по шест кола.
Во вториот натпревер што се одигра вчера екипата на Мајнц ја славеше првата победа на гости сезонава. Избраниците на тренерот Томас Тихел беа поуспешни од Волфсбург, предводен од Феликс Магат. За тренерот на „Волците“ ова е петти натпревар без победа едноподруго и тој веќе може да си поставува прашања околу останувањето на клупата во градот на автомобилската индустрија. Волфсбург по последниот пораз е на 16. место додека Мајнц по вторат победа сезонава се искачи на 11. место.
Инаку занимливо е дека во овој дуел се соочија и македонските репрезентативци Николче Новески кој го одигра цел натпревар за Мајнц и Ферхан Хасани кој настапи за Волфсбург во второто полувреме.
Инаку лидерот на табелата во Бундеслигата, Бајерн од Минхен во саботата продолжи со стопроцентниот ефект и на гостувањето во Бремен го совлада Вердер со 2:0 за максимални 18 бодови на врвот на табелата.
Саботните натпревари беа засенети и со траорната атмосфера на натпреварот меѓу Хофенхајм и Аугсбург (0:0) на кој играчите и навивачите му изразија поддршка на фудбалерот на Хофенхајм Борис Вукчевиќ,
кој во петокот тешко настрада во сообраќајна незгода. Неговата здравствена состојба во меѓувреме е стабилна но тешка и тој и натаму се наоѓа во животна опасност. Во другите саботни натпревари беа постигнати следниве резултати: Баер Леверкуззен – Гројтер Фирт 2:0, Нирнберг – Штутгарт 0:2, Хамбургер – Хановер 1:0, Борусија Дортмунд – Борусија Менхенгладбах 5:0. Во петокот пак новајлијата Фортуна Диселдорф одигра нерешено на домашен терен против фаворитот Шалке 2:2.