1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Усогласен предлог до Техеран

2 јуни 2006

Нова понуда до Иран во врска со атомскиот спор во напорите да се најде дипломатска разврска: Министрите за надворешни работи на петте земји членки на Советот за безбедност и Германија вчера во Виена договорија широк пакет понуди до Иран со што на Техеран би требало да му се олесни донесувањето решение. Во спротивно Советот за безбедност ќе разгледува натамошни чекори против Иран.

https://p.dw.com/p/Ac68
Сложни и единствени! Иран на потег.
Сложни и единствени! Иран на потег.Фотографија: AP

Една слика би требало да остави впечаток врз водството во Техеран: врвните дипломати на петте земји со право на вето, на Германија и на Европската унија исправени во градината на британската амбасада во Виена, демонстративно сложни кога британската министерка Маргарет Бекет ја најави новата заедничка линија кон Иран:

„Се согласивме за цела низа богати предлози. Веруваме дека тоа му нуди шанса на Иран повторно да започне преговори за решение во што спаѓа и меѓусебната соработка. Ние сме подготвени на тоа ако Иран ги запре сите активности врз збогатувањето на ураниумот како што бара и меѓународната агенција за атомска енергија. Се согласивме, до колку Иран се реши против преговори, во Советот за безбедност да преземеме натамошни чекори„.

Кои се тие чекори и дали под тоа се подразбира закана со санкции, министерката не кажа. И германскиот шеф на дипломатијата Франк Валтер Штајнмајер воздржан:

„Договоривме заеднички предлог кој содржи и размисли за тоа како натаму ако не се успее да се обноват преговорите. Би било добро ако за подробностите не ја информираме јавноста пред воопшто да се воспостави контакт со Иранците„.

Во кругови на американската делегација се вели дека се пробила американската тврда линија за можни санкции. Ако е така, тогаш и Кина и Русија за првпат се согласни со закани за натамошни чекори на Советот за безбедност. Веројатно тоа бил и американскиот услов да учествуваат во преговорите со Иран. Тоа беше важен чекор од страна на Вашингтон, смета Штајнмајер:

„Постои надеж дека и Русија и Кина размислуваат да следат таков чекор. Тоа сигурно ја зголемува вредноста на понудата„.

Во што е привлечноста до Иран за да попушти засега нема да биде соопштено во јавноста. Најнапред пакетот треба да го отворат одговорните во Техеран:

„Тргнуваме од тоа дека иранското раководство многу внимателно ќе ја одмери оваа понуда и дека ќе реагира соодветно„.

Колку време му е дадено на Иран за да размисли, останува отворено. Претставниците на Вашингтон јасно ставаат на знаење дека станува збор само за неколку недели. Сега на потег е Иран: се очекува реакција од најтесното раководоство, можно и лично од претседателот Ахмадинеџад.