1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Усвоен извештајот на Мејер

Тони Гламчевски5 јуни 2007

Комисијата за надворешни работи на ЕП со огромно мнозинство го усвои извештајот на холандскиот пратеник Ерик Мејер за Македонија. За извештајот гласаа над 50 европратеници, a само четворица се изјаснија против.

https://p.dw.com/p/AoQa
Големата сала на Европскиот парламент во БриселФотографија: Photo European Parliament/Architects : Architecture Studio

„Не можам да ги видам сега сите промени во предлог-резолуцијата, заради измените направени со амандманите. Конечниот, прочистен текст ќе биде познат за неколку дена по што повторно ќе го проучам документот,“ ни рече веднаш по гласањето известувачот, Ерик Мејер.

Словенечкиот европратеник Јелко Кацин, инаку член на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, го оцени извештајот како позитивен за Македонија, при што ни‘ нагласи:

„Би рекол дека Република Македонија во Европскиот парламент има не само многу пријатели, туку и оние кои се способни реално да го проценат напредокот кој го има постигнато државата до овој момент.“

Flaggen vor dem Europäischem Parlament in Brüssel
Зградата на ЕПФотографија: Photo European Parliament/Architecture Studio

Во извештајот и предлог-резолуцијата, стои дека секоја земја е слободна во изборот на своето име, сепак Македонија се именува според привремената референца со која е примена во ООН.

„Таа не е именувана ниту како ФИРОМ, ниту како Република Македонија, туку како Поранешна југословенска Република Македонија“, ни рече Ерик Мејер.

Од Европскиот Совет се бара да им помогне на Грција и Македонија да изнајдат решение по прашањето за името.

За компромисот по амандманите Кацин вели:

„Се договоривме за компромисните амандмани, кои во најголемиот можен обем ги покриваат нашите очекувања и погледи, со што нема да има големи судири.“

Околу датумот за отворање на преговорите за членство во Европската Унија, Ерик Мејер ни рече:

„Мнозинството, од европратениците гласаа да тоа биде направено што е можно побрзо.“

„За конечната верзија на извештајот сеуште ќе расправаме и гласаме, тешко е да се зборува за датумот за почнување преговори. Ако дојде до промени, позитивни или негативни тоа сигурно дека ќе се одрази на конечниот изглед на извештајот,“ додава Кацин.

Luftansicht des Europa Parlaments in Brüssel
Фотографија: Photo European Parliament/Architectes : Architecture Studio

За извештајот и предлог-резолуцијата, Европскиот парламент ќе расправа и гласа на пленарната јулска сесија во Стразбур.

Пред комисијата за надворешни работи на Европарламетот вчера зборуваше македонскиот шеф на дипломатијата, Антонио Милошоски при што тој беше јасен:

„Немам намера да ја претставам ситуацијата во земјата како розова. Напротив. Ние не сме совршени – ние постигнуваме добри резултати, но исто така страдаме од некои несовршености.“

Тој ја искористи говорницата за да ја пофали Владата за успехот во политичкиот дијалог и дека „економските реформи веќе даваат резултати во однос на странските инвестиции“.


Како дел од постигнувањата, тој ги спомна 300-те нови вработувања на претставници од албанската заедница во јавната администрација, претстојното проширување на употребата на албанскиот јазик во парламентот, борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Милошоски го нагласи и позитивниот став на Македонија кон планот на Ахтисари за Косово.

Европратениците се интересираа за смените во секторот за eвроинтеграции, и за тоа што содржи договорот меѓу Ахмети и Груевски, на што македонскиот министер не даде детали.