1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Усвоени измените во Законот за медиуми

ЖА/макфакс/миа23 јануари 2014

Од законското решение донесено пред еден месец, се изземаат електронските публикации, а се предвидува Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги да има административен надзор врз печатените медиуми.

https://p.dw.com/p/1Aw6u
Фотографија: Petr Stojanovski

Собранието го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со 55 гласа „за“ и осум „против“, како и 11 гласа „за“ и еден „против“ од пратениците од помалите етнички заедници, во скратена постапка.

Со изменетите одредби, од законското решение донесено пред еден месец, се изземаат електронските публикации, односно интернет порталите, а се предвидува Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги да има административен надзор врз печатените медиуми и тоа врз одредбите за импресум, за заштита на малолетни лица од порнографски содржини и за јавност при работењето.

Со Предлог законот се додава нов став во кој се вели дека секое ограничување на содржините во медиумите треба да биде во согласност со праксата на Европскиот суд за човекови права.

Во Советот на Агенцијата за медиуми, со новите измени се предвидува да има два члена од новинарските здруженија МАН и ЗНМ.

Претходно, носењето на Законот за медиуми предизвика „битки“ меѓу медиумските организации, жолчна расправија и несогласувања меѓу пратениците, барања за повлекување упатени од новинарскиот еснаф.

Опозицијата се противеше на донесувањето на ваков закон, нагласувајќи дека тој е непотребен и како таков треба да се повлече, но според пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ новиот Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги има за цел да им помогне на оние кои сакаат новинарската професија да ја извршуваат професионално истакнувајќи дека не се точни тврдењата оти власта сака да ги контролира содржините на програмите кои ќе се емитуваат на националните телевизии.

За спорниот Закон забелешки стигнаа и од Советот на Европа во кои јасно беше ставено до знаење дека регулацијата на сите медиуми во еден закон претставува опасност од недоследности и дека не е јасна потребата за ваков сѐопфатен закон.

Копјата најмногу се кршеа околу намерата да се контролира интернетот и печатените медиуми, како и за формирањето на ново тело чии надлежности опфаќаа широк спектар на механизми кои беа прешироко дефинирани со можност за злоупотреби, за што потоа на заедничка прес конференција претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, и министерот за информатичко општество, Иво Ивановски, истакнаа дека бил постигнат договор со кој биле надминати дел од несогласувањата по однос на спорните законски регулативи. Па така, во законот кој влезе во собраниска процедура беше изземена регулацијата на интернет порталите и печатот, а новинарите добија претставник во Советот на идната Агенцијата за медиуми.