Уништувањето српски гробишта им штети на Албанците
22 јануари 2013Владата на Албанија ќе ги преразгледа сите односи со Србија, изјави премиерот Сали Бериша откако беше отстранет споменикот на на борците од Ослободителната војска на Прешево, Медвеѓе и Бујановац.
„Таквиот акт покажува дека има само еден начин и тоа е интеграција на албанската нација, за да го добиеме тоа што сме го стекнале со крв“, истакна Бериша.
Српски споменици и гробишта вчера беа осквернавени во Косово како одговор на отстранувањето на споменикот од Прешево
Албанското Министерство за надворешни работи го осуди кршењето на српски споменици и гробови во некои реони во Косово и ги повика Албанците на воздржаност. Осуда за сквернавењето на православните гробишта во Клокот изрази и претседателката на Косово Атифете Јахјага, нагласувајќи дека такво нешто не може да се толерира.
„Оштетувањето на гробиштата е во спротивност со вредностите на косовското општество и традицијата на толеранција и почитување меѓу луѓето, религиите и различните култури“, стои во соопштението на Јахјага.
Реагираше и косовската влада со став дека уништувањето на српските гробишта е во потполна спротивност со традицијата и законите на Косово и определеноста за афирмација на европските цивилизациски вредности. Тоа е во потполна спротивност со легитимните интереси на Албанците од Прешевската долина, нагласија од косовската влада.
„Владата на Косово ги повикува граѓаните од Косово и Албанците во Прешевската долина сите свои граѓански и институционални реакции да ги изразуваат во демократски и цивилизациски дух, без притоа да потпаѓаат под провокациите од владата на Срвија“, стои во соопштението на косовската влада.
Откако полицијата во прешево во неделата го отстрани споменикот на загинатите припадници на ОВПМБ, на Косово се осквернавени повеќе српски гробишта.