УНЕСКО жали за уништувањето во Алепо
30 септември 2012„Се работи за голема загуба и трагедија“, вака го оцени уништувањето на историскиот стар дел од градот Алепо директорот на Светската културна програма на УНЕСКО, Кишоре Рао. Стариот центар на Алепо во 1986 година беше прогласено како светско наследство на УНЕСКО. Историската стара чаршија се смета за една од најдобро зачуваните во регионот.
Среде борбите меѓу двете завојувани страни во Сирија, трупите на претседателот Башар ал Асад и бунтовниците, старата чаршија е делумно уништена поради пожар. Опожарени се стотици продавници под средновековните аркади, сведочат опозициони активисти. Причината за пожарот не е позната. Видео објавено на интернер покажува пламен и чад над Алепо, во него исто така се тврди дека продавниците горат.
Веста ја потврди и дописник на француската новинска агенција АФП. Според оваа агенција од кругови на сириската армија се дознава за жестоки борби во близина на старата чаршија со бунтовниците, кои со денови се обидуваат да се пробијат во областа. Противниците на Асад во четвртокот започнаа голема офанзива во Алепо.
Борбите траат и во другите сириски градови. Бунтот кој започна во март против сирискиот претседател, се претвори во граѓанска војна во која според опозицијата досега се убиени над 30 илјади луѓе.