Уметност од супермаркет
25 декември 2012Уметност за секого - тоа е мотото на берлинскиот супермаркет за уметнички дела. Се продаваат исклучиво уникати од уметници од цел свет и тоа по ниски цени. Изолде и Михаел Јиргенс купуваат слика:
„Ова е убаво, ни одговара. Не‘ привлече и поради тоа што имаме врска со природата, а тука е и балонот.“
„Треба да виси над кујнската маса.“
Сликата чини само 50 евра. Во специјалниот супермаркет на продажба се околу 5 илјади уметнички дела.
Биргит Волф вели: „Во супермаркетот за уметност купувам со години. Цел стан ни е полн, сопругот е исто така одушевен од ова.“
Штефани Пржибилски, која исто така купува во супермаркетот, оценува: „Да, добро е. Има голем избор на дела од различни уметници. Цената е исто така фактор во галеријата.“
Токму за тоа станува збор - треба да се привлечат нови муштерии. Ваков супермаркет за уметнички дела се отвора по 12-ти пат во Фридрихштрасе, а тој е отворен во период од само три месеци.
Коосновачот на супермаркетот, Јулија Лојтвед, објаснува: „Во меѓувреме има многу постојани муштерии, но делумно и нова публика која не се занимавала со уметност и која овде е случајно. Со оглед на тоа што се‘ е обележано, можат директно да се информираат за цената. Евтино е и иако не се надевале, често купуваат.“
Така е и со Лена Герике. Нејзината слика чини само 69 евра и добива почесно место во кујната.
„Изгледа супер, одговара перфектно на масата и на часовникот.“
Вистински уметнички дела, по исклучително поволна цена.