Уметност на картонски кутии
21 ноември 2009Анет Хрст за изложените дела во Националната галерија во Скопје и нивниот заеднички именител вели: „Просторот е она што ме интересира во секој поглед во секоја димензија. Разгледувајќи го просторот јас работам со пејсаж. Пејсажот е многу присутен кај мене во делата, а доминантен ми е просторот. Пејсажот и просторот се две работи со кои што играм и кои ги комбинирам во моите дела, простор со пејсаж и обратно.“
Инспирација во неконвенционалните материјали
Анет Хрст првенствено црта врз материјали што ги наоѓа во секојдневното опкружување, кутии за пакување од секаков вид и големина. Зошто се одлучила на вакви невообичаени материјали?
„Картонските кутии сами по себе се еден вид уметнички дела. Самиот процес на отпакување на тие картонски кутии за мене е еден уметнички процес, во него наоѓам инспирација да творам. На некој начин ми се допаѓа да работам со таков неконвенционален материјал и затоа често го користам за своите дела“, вели Хрст.
Таа ја воведе техниката на цепење на картонот: „Станува збор за еден интересна контраст-деконструкција. Од чисто геометриски картонски форми со помош на кинењето создавам одредени органски отцепи од тој картон и тој контрас на правилни и неправилни линии за мене е исто така предизвик. Сето ова се случува на еден тивок начин и со ограничен избор на бои, пастелни тонови на бела, сина, зелена, кафеава и сива.“
Одличен прием на германските уметници во Македонија
Во нејзините дела познатите силуети на прозорци, врати и покриви се расклопени и реконструирани како вонземски и универзални бројки, таа ни појаснува што тие симболизираат: „Сакам делови, сакам елементи остатоци од архитектура, сакам руини. Елементите на овие архитектонски згради за мене претставуваат процес и на градење и на деструкција-рушење. Затоа за мене деловите се многу побитни отколку да се прикаже целината. Преку нив цртежот е најважен во моите дела.“
Маја Крстевска, директор на Националната галерија на Македонија за значењето на оваа изложба како дел од македонско-германската културна соработка оценува: „Министерството за култура имаше чувство да ја прифати оваа изложба и да ја внесе во годинешната програма, а ние го поканивме авторот, уметничката Анет Хрст. И она што би сакала да нагласам е соработката на Сојузна Република Германија со Република Македонија на полето на изложбената активност, нашите уметници што живеат во Германија и обратно германските уметници што доаѓаат во Македонија имаа одличен прием.“
Автор: Антоанела Димитриевска
Редактор: Александра Трајковска