Уметност во киоск
18 јули 2010Во излогот на киоскот во Бохум седи црвен папагал и гласно крешти. Студентката Џени од Шпанија е воодушевена. „Гледав филм од минатиот семестар и студентите го снимаа токму него. Ја снимија госпоѓата од киоскот и нејзиниот папагал.“ „Коко за жал не е за продажба“, вели со насмевка Ерика Милднер, која веќе 37 години работи во киоскот во кој можете да купите се’ што треба- од цигари до јадење од конзерви. Од неодамна на продажба кај неа се екслузивни предмети од уметници од цела Европа.
Купувачи од цела Германија
„Да тука има дизајнирани предмети. Мислам дека овие драгоцени камења се од Рурската област, а што е ова?“ се прашува Џени. Сопственичката Милднер одговара: „Мали теглички во кои можат да се стават лекови или бомбони или гуми за бришење, имаме и мали турбини во облик на вазни, привезоци за клучеви, 30 различни производи. Еднаш неделно добиваме нови производи и ни самите не знаеме што се крие во кутиите.“
Ерика Милднер со задоволство ја информира студентката Џени. Таа се радува дека нејзиниот киоск е избран за проектот „Дизајн киоск“. „Запознаваме голем број нови луѓе, сосема поинакви луѓе. Ни доаѓаат купувачи дури од Штутгарт и Берлин.“
Уметнички предмети по поволна цена
Токму на ваков дијалог полагаше и Зигурд Кристијан Еверс еден од иницијаторите на проектот „Дизајн киоск“ кој е дел од програмата на Рурската област како Европска престолнина на културата во 2010 година. За него е многу важен фактот дека на купувачите, уметнички предмети им се нудат на продажба и надвор од музеите и тоа по многу поволна цена: „Интересот е многу голем. Постојат купувачи кои редовно доаѓаат и ги обиколуваат сите киосци во надеж дека ќе пронајдат нешто занимливо. Нашата идеја фунционира совршено“, вели Еверс.
Студентите од Универзитетот во Бохум веќе снимија неколку кратки филмови за тие киосци. Студентката од Шпанија Џени вели: „За сите нас тоа е многу занимливо, зашто во Шпанија воопшто не постојат киосци. Идејата за киосците со себе ја носи стара и нова германска традиција и мислам дека е супер“.
Автор: Сузане Кордс/ Симе Недевски
Редактор: Александра Трајковска