Уметноста не познава граници, ни јазици
29 јули 2009Древната сцена на Античкиот амфитеатар во Стоби, синоќа (28.07.2009) беше најуспешната преговарачка маса на која повторно се воспостави комуникацијата меѓу народите на двете соседни земји, Македонија и Грција.
Тоа што со години се обидуваат, а не можат да го направат политичарите, за една вечер заедничко дружење го направија актерите од Роес-танцовиот театарски ансамбл од Атина и бројната публика која дојде во Стоби и уживаше. Ги плени нивната маестрална изведба на страсна глума со совршен танц и музика која ги остави без здив.
Првите впечатоци на кореографката Софија Спирату гласат: „Ми беше големо задоволство да бидам вечерва овде со целата екипа и да ја одиграме нашата претстава. Сите ние сме соседи од Балканот и зборуваме на еден ист јазик. Тука сме неколку дена и впечаток е дека сите луѓе тука, од организациониот одбор, па дури и техничарите, се љубезни.“
На прашањето дали претставата може да придонесе за подобри односи меѓу двете земји Македонија и Грција, таа одговара: „Она што го чувствувам тоа и го правам. Значи, чувствував дека овде треба да дојдеме и да настапиме со нашата претстава. Во уметноста нема ниту јазици, ни граници.“
Македонската министерка за култура Елизабета Канческа Милевска гостувањето во Македонија и поддршката што за таа цел ја даде грчката министерка за надворешни работи Дора Бакојани го оцени како добар сигнал. Спирату коментира: „Да, мислам дека е така. Овојпат ние дојдовме овде со наша претстава, следниот пат вие ќе дојдете во Грција и ќе имате претстава. Тоа е јазикот на народите, ние сме такви - блиски луѓе од Балканот.“
Топол прием и овации на публиката
Главната улога на Електра во претставата маестрално ја одигра Еви Чацаки. Еве ги нејзините впечатоци: „Навистина сум среќна бидејќи имавме топла реакција од публиката. Јас тоа го почувствував како сите заедно да се прегрнуваме себеси. Беше навистина, навистина срдечна и топла реакција на публиката и многу сум среќна заради тоа. Мислам дека овде луѓето се добри домаќини и ни‘ помогнаа во сите подготовки околу претставата.“
Данило Зека го играше Орест: „Навистина беше топол прием. Ова е древен природен театар не само сцената, туку целиот амфитеатар. Сето тоа не‘ поттикна како актери, максимално да ги изразиме нашите емоции. Навистина беше топло и убаво чувство да се биде овде. Мислам дека публиката ја разбра целата приказна. Јас сум првпат во Македонија, но не и последен, бидејќи ми се допадна земјата и народот. Ги почувствував како пријатели и затоа повторно ќе дојдам.“
А, публиката во Стоби нивната изведба ја награди со долг аплауз и овации. Еден од посетителите вели: „Претставата беше фантастична, досега во Стоби никогаш видено. Воодушевен сум и навистина не треба превод. Воодушевен сум.“
Автор: Антоанела Димитриевска
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска