1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уметноста е татковина без пасош и визи

22 јуни 2009

Во Музејот на современа уметност во Скопје е отворена изложбата „Импресии“. Делата на изложбата, на која се претставени автори кои живеат и творат во Берлин, се во избор на кураторот Ролф Кулц Мекензи.

https://p.dw.com/p/IWRP
Музејот на современа уметност во СкопјеФотографија: Petar Stojanovski

На изложбата се претставени 19 врвни германски автори од сите генерации, меѓу кои Волфганг Петрик, Валтер Ленерц, Винифрид Булингер, Урс Јеги, Јован Балов, Хајко Даксл, Ингеборг Филеп и три автори од Прима-центарот во Берлин, по избор на раководителот на центарот, Јован Балов.

Голем број жени сликари

Станува збор за сликари-ѕвезди од сите генерации по избор на, исто така врвниот, куратор др Ролф Кулц Мекензи. На прашањето од кој приоритет се раководел при селекцијата, тој одговара:

„При поставката на изложбата, што е многу важно, јас ги споредувам делата. Мене не ме интересираат лично авторите како луѓе, туку како уметници и нивните дела. Берлин, како град на уметноста, е значаен и привлекува бројни меѓународни уметници, бидејќи тука евтино се живее и може да се најде ателје. Во мојата изложба се води интересен внатрешен дијалог меѓу уметниците кои се Германци, кои ја негуваат традиционалната германска естетика и колегите кои не се Германци, а кои долго живеат и творат во Берлин.

Der Künstler Jovan Balov
Јован Балов, раководител на центарот „Прима“ во БерлинФотографија: DW

Важен момент на изложбата е фактот што во Берлин за разлика од другите големи центри доминираат жените уметници, кои се наметнале на самата сцена и рамноправно делуваат, што не е случај со другите германски градови. Затоа на изложбата има дури 9 жени сликари.“

Домаќинката на изложбата Викторија Васева Димеска, историчар на уметноста, за изложбата оценува: „На изложбата може да се види како во еден конгломерат на различни припадности се случуваат различни ракописи коишто ја претставуваат сцената на еден град којшто дише едноставно со ентузијазам.“

Посетителите, пак, за изложбата велат:

„Мошне интересно нешто ново, современо, актуелно. Темите се различни, техниките исто така.

„Има фотографии, има портрети, нешто повеќе фотографии. Мали формати се, има и неколку големи формати на слики. Очекував пограндиозни формати на слики, има неколку, но јас очекував многу повеќе.Многу интересно во секој случај.“

Die deutsche Botschafterin Ulrike Knotz in Skopje
Германската амбасадорка во Македонија, Улрике КноцФотографија: Deutsche Botschaft Skopje

Уметноста живее од меѓународната размена

За германската амбасадорка во Македонија Улрике Кноц, која ја отвори изложбата: „...Оваа изложба на современи германски автори, посебно оваа година кога се одбележуваат 20 години од паѓањето на Берлинскиот ѕид, претставува мошне значаен придонес кон германско-македонската културна размена. Оваа соработка меѓу уметниците е важен сегмент на билатералната соработка меѓу двете земји.“

Уметноста живее од меѓународната размена. Уметноста е татковина без знаме, без пасош и без визен режим. Секој човек би требало да може таму да влегува, да престојува, да работи и твори.

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска