1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уметниците како креативен капитал на Берлин

10 декември 2011

Берлин е познат по својата уметничка сцена, бројните музеи, изложбите, галериите. Во овој град на алтернативци уметниците добро живеат и заработуваат. Барем засега.

https://p.dw.com/p/13PET
Берлин има богат уметнички животФотографија: Mimoza Veliu

Момче од гипс седи на масата, нозете не му достигаат до подот. Со полуотворена уста ја набљудува скулптурата на бродот пред себе на масата. Бродот очигледно го зафатило невреме и можеби ќе потоне. Момчето од гипс седи на стакленикот, под високите дрва во градината на ателјето „Милчхоф” во уметничкиот кварт Прецлауер Бег.

Ова идилично место е опкружено со модерна архитектура, тука постојано нешто се гради - тој кварт е како создаден за богата клиентела. Но, Манфред Фукс вели дека ателјето успешно се одржува во ова опкружување. Жителите го сакаат „ Милчхоф”, радо навраќаат во него, а повремено и купуваат по некој уметнички предмет.

Фукс од 1992 година е член на „Милчхоф”, кој е регистриран како здружение на уметници.Тој во ова ателје е од самиот почеток. Во приземјето на истата зграда зад високите прозорци се наоѓа и ателјето на вајарката Ане Катрин Сторк. Таа раскажува дек во куќата делуваат 48 постојани членови, но има и неколку подстанари, а под нејзиното ателје бендовите одржуваат проби. Една работа е многу практична, вели Ане Катрин Сторк:

„Кога нешто ќе ми снема од материјалите или ќе ми затреба помош бидејќи не можам самата да подигнам некоја статуа, што кај вајарите е чест случај, доволно е да чукнам на вратата на некој од соседите.“

Уметници од цел свет

Ateliers in Berlin
Скулптурата на момче од гипс во стакленикот на ателјето „ Милчхоф"Фотографија: Silke Bartlick

Во повеќето случаи уметниците работат, сами за себе, зад затворени врати. Кафе меѓутоа радо испиваат заедно, раскажува Ане Катрин Сторк. Тогаш се собираат сите оние кои сликаат, цртаат, фотографираат, снимаат видео, изработуваат скулптури или огромни уметнички предмети од пластика. Уметниците не доаѓаат само од Германија, туку и од јужна Америка, Австралија, Русија или Полска.

Марушка, уметник од Италија, во Берлин се доселила поради љубов. Како неа и останатите уметници зборуваат одушевено за овој град, неговата атмосфера, разновидните инспирации како и за фактот дека овде, за разлика од Мадрид, Рим, Лондон или Њу Јорк, животот не е скап.Токму затоа многу млади уметници сакаат да се доселат во овој град.

Колку уметници живеат и работат во Берлин – тоа никој точно не го знае. Но, едно е сигурно: има доволно простор за ателјеа, особено во празните фрабрики и поранешните индустриски објекти.

Кројцверг, Фридрихшајн и Пренцлауер Берг се делови на градот кои за уметниците се особено интересни. Уметничката сцена овде живее, но магијата на тие живи и централно сместени делови на градот одамна ги откриле и инвеститорите од Германија и странство па за жал на уметниците, цените на просторот драстично се зголемиле.

Конкуренцијата се шири, цените на становите раснат

Ateliers in Berlin
Ателјето на сликарката Сабине БибовФотографија: Silke Bartlick

Цената на ателје во „Милчхоф", со струја и греење, се´уште изнесува помалку од двеста евра. Уметниците куќата ја изнајмиле на подолг период

„Преселбите овде не се честа појава", вели Манфред Фукс.

Уметниците , кои сега се во потрага по ателје, мораат да одат на периферијата од градот.

Автор: Силке Бартлик / Светлана Брик

Редактор: Борис Георгиевски