Умерен успех
31 март 2008Кризата во Либан беше темата која доминираше на самитот на Арапската лига од самиот почекот. Поради кризата во таа земја, самитот го бојкотираа голем број шефови на држави и влади на земјите членки на лигата и на настанот испратија високи дипломати. Јордан, Египет и Саудиска Арабија, на пример, ја обвинуваат Сирија, која беше домаќин на самитот, дека спречува избор на нов либански претседател.
Во изјавата издадена на крајот на самитот, учесниците нагласија дека се за иницијативата разработена од страна на Арапската лига уште пред неколку недели, за справување со кризата во Либан. Генералниот секретар на лигата, Амр Муса, изјави: „Сите страни треба да бидат охрабрени да постигнат согласност за да се надмине кризата и да се сочува безбедноста, стабилноста и суверенитетот.“
Иницијативата на Арапската лига, меѓу другото, предвидува страните во конфликтот во Либан да го изберат компромисниот кандидат, Мајкл Слејман за претседател на земјата и да постигнат согласност за нова влада. Сирискиот претседател, Башар ал Асад, уште во својот говор на отворањето на самитот, рече дека неговата земја не се меша во внатрешните работи на Либан: „Ние во Сирија сме подготвени да се потпреме на арапски и не-арапски иницијативи, под услов тие да почиваат врз консензус во Либан. Стабилност – гласи нашата волја.“
Понуда до Израел
Стабилност и единство арапските земји бараат и од Ирак. Во завршната декларација тие ја обновуваат и нивната понуда за мир до Израел, стара 6 години. Иницијативата изработена од страна на Саудиска Арабија во 2002 година, на Израел му нуди мир со сите арпаски држави доколку се повлече од окупираните територии и се согласи со независна палестинска држава. Но, според Амр Муса: „Придржувањето на арапските земји до нивната мировна иницијатива е поврзано со придржувањето на Израел до неговите обврски кои произлегуваат од меѓународните резолуции за мир во регионот.“