1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Улогата на медиумите во падот на Берлинскиот ѕид

Марлиз Шаум30 јануари 2009

Германската Демократска Република ги контролираше медиумите. Новинарите од Западот ги сметаше за опасни по опстанокот на системот. Каква улога одиграа медиумите од двете страни на границата во паѓањето на Ѕидот?

https://p.dw.com/p/GjLi
Зигберт Шефке го снима распадот на градовите во ГДР во 1989 година
Снимање по налог на Западот: еден од двајцата „тајни новинари“Фотографија: Robert-Havemann-Gesellschaft

Кон средината на осумдесеттите години од минатиот век едно семејство од Сојузна Република Германија се најде на границата со намера да се пресели во Германската Демократска Република. Полицаецот на граничниот премин не можеше да си поверува на ушите кога ја слушна нивната намера и ги праша дали не можат да си најдат работа во Западна Германија. Одговорот беше дека семејството едноставно сака да се досели во ГДР и таму да отвори кафеана.

Поранешниот дописник на „Шпигел“ Улрих Шварц за знакот од канцеларијата во ГДР
Улрих Шварц, натписот за редакцијата „Шпигел“ смееше да го закачи само внатре во влезот на зградатаФотографија: Marlis Schaum

Оваа случка ја опиша во една статија Улрих Шварц, тогашниот дописник од Источна Германија на западногерманскиот политички неделник „Шпигел“. Поради тоа беше изложен на притисок од Министерството за надворешни работи на ГДР. Впрочем, режимот на поранешната источногерманска творба отсекогаш со тешка мака го толерираше овој политички неделник, па дури и го затвори неговото биро во Источен Берлин во периодот од 1976 до 1985 година. Повод беше објавувањето на документот составен од една група критичари на системот од редовите на владејачката Социјалистичка партија (СЕД).

Работа во непријателска земја

„Германската Демократска Република беше затворена за странските новинари како школка“, објаснува новинарот на „Шпигел“, Улрих Шварц. „Станот и канцеларијата во Источен Берлин ми беа полни со прислушни уреди. И секогаш кога од Западен Берлин преку ’Хајнрихштрасе’ одев во источниот дел од градот си помислував: е, сега си во непријателска земја“.

Јохен Штат во неговата канцеларија на Слободниот универзитет во Берлин.
Јохен Штат ги истражуваше активностите на Штази службата во медиумитеФотографија: Marlis Schaum

Исто како што режимот ги контролираше домашните медиуми, така сакаше да ги има под контрола и странските, особено оние од Западна Германија. Првиот постојано акредитиран западногермански новинар во ГДР се појави во 1973 година. Сите намери да патуваат надвор од Источен Берлин, западногерманските новинари мораа да ги пријавуваат 24 часа однапред. Секој извештај мораше да помине низ источногерманското Министерство за надворешни работи. Тамошната тајна служба, Штази, водеше посебно досие за секој западногермански дописник од ГДР. И исто така добро ги набљудуваше! „Сите официјални партнери за разговор беа луѓе на тајната служба или на владејачката партија. Можеше да се смета дека во просек на секој од постојано акредитираните новинари отпаѓаа по 15 до 20 шпиони“, вели Јохен Штат од Научниот институт при Слободниот универзитет во Берлин.

Распаднати куќи во Потсдам
Фасади во распаѓање: Потсдам 1987Фотографија: Robert-Havemann-Gesellschaft

Како особено опасни за системот се сметаа новинарите на радиото и телевизијата. Причината за тоа беше интересот на источногерманските граѓани за известувањето на западногерманските медиуми. Нивното следење беше забрането во јавни простории и тоа од 1973 година, но затоа се толерираше во приватни простории. Така, преку телевизорите во дневните соби на источните Германци се слеваа слики за се’ она што режимот на ГДР сакаше да го прикрие.

Прикриени новинари

Фотографија од документите на Штази службата - Зигберт Шефке борец за граѓанските права
Штази го шпионира Зигберт Шефке (десно) во 1988 годинаФотографија: Robert-Havemann-Gesellschaft (BstU-Kopie)

Информациите и снимениот материјал за чувствителните теми од ГДР западните медиуми ги добиваа од двајца новинари, Зигберт Шефке и Арам Радомски. Обајцата беа млади, во доцните дваесетти години од животот, и имаа лична причина да се борат против режимот. Така, кон средината на осумдесеттите години од минатиот век почнаа да снимаат настани, што не беа достапни за западните новинари.

На деветти октомври 1989 година тие тајно ги снимаа историските демонстрации против режимот на ГДР, во кои учествуваа 70.000 граѓани. Како соодветно место за снимање ја одбраа камбанаријата на една блиска црква. Снимките ги доби и ги пренесе на Запад токму дописникот на неделникот „Шпигел“, Улрих Шварц. Веќе следниот ден граѓаните на ГДР можеа да видат преку информативните емисии на западногерманските медиуми дека демонстрациите во Лајпциг не биле маргинални „со учество на 500 поднапиени учесници“, како што известија источногерманските строго контролирани медиуми. „Можевме да го свртиме вниманието на вистинските настани во Лајпциг и тоа сигурно беше иницијална каписла за натамошните протести на граѓаните. Но, нашето известување беше само дел од вкупниот мозаик на настани, што кулминираше со паѓањето на Берлинскиот ѕид“, објаснува денес еден од двајцата тајни дописници, Арам Радомски.

Борецот за граѓанските права Арам Радомски со неговиот фото апарат
Арам Радомски тајно работеше за западните медиумиФотографија: Robert-Havemann-Gesellschaft

Важна улога на медиумите

Јохен Штат од Научниот институт на Слободниот универзитет во Берлин смета дека западногерманските медиуми, особено радиото и телевизијата, биле важен елемент за пресвртот - секако покрај бројните лични контакти меѓу Германците од двете страни на „железната завеса“, како и иселениците од ГДР. „Постојаното присуство на поинаквиот свет од Западот, што ги снабдуваше граѓаните од ГДР, кои не смееја да излезат од земјата, со основни информации за настаните и тоа поинакви од она што го јавуваа тамошните контролирани медиуми, тоа во секој случај е еден од важните фактори за пресвртот во 1989 година“, вели Јохен Штат.

Новинарот Харалд Хендел во Берлин
Харалд Хендел беше новинар во ГДРФотографија: Marlis Schaum

На некој начин може да се каже дека и источногерманските медиуми придонесоа за уривањето на Берлинскиот ѕид, бидејќи на сопствените граѓани не им даваа информации за она што навистина ги интересираше. „Информирањето на западните медиуми, што го следеа граѓаните на ГДР, им даде храброст да видат што можат да придвижат, како и да ја увидат неспособноста на тамошниот систем“, вели и Харалд Хендел, кој порано беше млад дописник на источногерманската државна телевизија од Сојузна Република Германија. „Кој би помислил во тоа време дека може да се случи револуција без крвопролевање? Мислам дека таа немаше ни да се случи, доколку го немаше информирањето на западногерманските медиуми и истовремено игнорирањето на развојот на настаните од страна на источногерманските!“