1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украинската опозиција бара финансиска помош од Запад

Александар Методијев/афп/ројтерс/миа2 февруари 2014

Над 50.000 луѓе се собраа на денешниот протест на плоштадот Мајдан во Киев. Опозициските лидери побараа финансиска помош од западните сили, кои му изразија поддршка на протестното движење против претседателот Јанукович.

https://p.dw.com/p/1B1cd
Фотографија: Getty Images

„Зборувавме со западните партнери и им кажавме дека нам ни е потребна вистинска финансиска помош“, рече Арсениј Јаценјук, еден од опозициските лидери, пред насобраниот народ на плоштадот Мајдан. „Разговаравме за многу сериозен економски пакет со нашите западни партнери, кој може да биде предложен само на нова украинска влада, ако украинската опозиција по реформата ја добие целата власт“, рече Јацењук. Според него, таквата помош ќе биде доставена од ММФ, ЕУ и други меѓународни институции.

„Зборувавме и за меѓународна медијација во нашите преговори со Јанукович, за да нема недоразбирања“, додаде поранешниот боксер Витали Кличко.

Двајцата учествуваа на протестот само еден ден по средбата со американскиот државен секретар Џон Кери на Минхенската конференција за безбедност. Во Минхен тие постигнаа договор за конкретни чекори за излез од кризната ситуација во Украина.

„Борбата за демократија, за европската иднина, денес никаде не е поважна отколку што е во Украина. САД и ЕУ стојат зад луѓето во Украина“, изјави Кери на Минхенската конференција за безбедност.

Избори наместо догодина, да има годинава

Според опозициските лидери, во Минхен бил договорен конкретен план за запирање на насилството, ослободување на сите притворени и истражување на сите „киднапирања и убиства на Украинци“.

Претседателот Јанукович во минатите неколку дена направи одредени отстапки - ја прифати оставката на неговиот премиер, а од денеска во земјата стапи на сила законот за амнестија за учесниците во безредијата. Условот за амнестија е демонстрантите во следните 15 дена да ги ослободат сите заземени згради на органите на државната и локална власт и да не го попречуваат нивното натамошно функционирање. Демонстрантите мораат и да овозможат нормализација на сообраќајот во градот.

Ukraine - Proteste auf dem Maidan Platz
Плоштадот Мајдан фотографиран денеска од птичја перспективаФотографија: Getty Images

Опозицијата сепак бара повеќе отстапки од претседателот Јанукович. Таа бара уставни промени и одземање на дел од овластувањата на украинскиот претседател. Опозицијата бара оваа, наместо следната година, да се одржат претседателски избори. Демонстрантите на улица сакаат Јанукович веднаш да си даде оставка.

Претседателот се враќа

Претседателот Виктор Јанукович неколку дена беше повлечен од јавноста. Денеска неговиот кабинет на својата вебстраница објави дека претседателот се враќа на работа в понеделник (03.02.), откако неколку дена мина на боледување.

„По спроведениот препорачан третман, претседателот на Украина се чувствува добро и неговата здравствена состојба е задоволителна“, стои во соопштението.

Јанукович, кој веќе два месеца се соочува со сериозна криза и се помасовни протести, во четвртокот објави дека заминува на боледување.