1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меѓу сон и кошмар

Бернд Јохан/ Александра Трајковска2 декември 2013

Украиниците не дозволуваат да бидат замолчени. Ова го покажуваат големите демонстрации во Киев. Сега не се работи само за Европа, туку и за демократијата во Украина, смета Бернд Јохан.

https://p.dw.com/p/1ARny
Фотографија: SERGEI SUPINSKY/AFP/Getty Images

По т.н. Портокалова револуција пред девет години во Украина немало ваков огромен протестен бран. Тогаш, зимата 2004. година луѓето излегоа на улица за демократијата и иднината на земјата. Сега Украинците повторно демонстрираат. Повторно станува збор за демократијата и иднината на земјата. И повторно во центарот е еден човек: Виктор Јанукович. Повоторно е пред сѐ во негови раце дали Украина ќе остане демократска или ќе стане авторитарна држава.

Тогаш луѓето протестираа против Јанукович, бидејќи сакаше да стане претседател, но за тоа ги фалсификуваше изборите. Во меѓувреме тој е претседател на Украина. Но, луѓето демонстрираат против него, бидејќи повеќе не веруваат во тоа дека тој сака да ја води својата земја кон Европа. И тие демонстрираат против него, бидејќи стравуваат дека не само што би можел да им ја одземе европската перспектива, туку и демократијата.

Протести и покрај полициското насилство

Затоа повеќе од 100.000 луѓе во неделата (01.12.2013) во главниот град Киев излегоа на улични протести против владата. Демонстранти дојдоа од сите делови на Украина. Студенти, работници, но и постари луѓе, дури и семејства со деца - и покрај стравот од ескалација на протестите. Тие јасно покажаа дека нема да дозволат да им биде забрането да протестираат против владата и претседателот, кои неочекувано го замрзнаа веќе подолго време подготвуваниот Договор за асоцијација на ЕУ со Украина и наместо тоа најавија дека повторно ќе кооперираат потесно со Русија.

Веќе со денови луѓето демонстрираат против оваа одлука. Имено европскиот сон за демократија и благосостојба по примерот на државите на ЕУ засега пропадна и дури би можел да заврши како кошмар: како угнетување од страна на државата по примерот на авторитарните соседни земји Русија и Белорусија. Ова го покажуваат страшните случувања во Киев во текот на ноќта кон саботата кога специјалните единици на Министерството за внатрешни работи брутално и без предупредување преземаа акција против мирните про-европски демонстранти.

Deutsche Welle REGIONEN Osteuropa Ukrainisch Bernd Johann
Бернд Јохан, автор на коментаротФотографија: DW/P. Henriksen

Политички пресврт во Киев

Вакви полициски акции им се познати на Украинците преку медиумските извештаи од Москва и Минск. Во нивната земја такво нешто немаше по Портокаловата револуција. Во главниот град Киев досега практично не мина недела без некакви демонстрации или манифестации. Украинците се навикнаа креативно да го искористат своето демократско право на собирање. Но, токму сега, кога за Украина станува збор за едно така важно прашање за асоцијација со ЕУ, кое ги придвижува луѓето, полицијата употреби гумени палки против демонстрантите.

Тоа би можло да претставува политички пресврт, оти луѓето не сакаат да прифатат. Ова го покажуваат и големите демонстрации во Киев. Украиниците нема да дозволат да бидат замолчани. Досега протестите во Киев и другите украински градови беа насочени пред сѐ против одлуката на владата да го одложи приближувањето кон ЕУ. Но, насилството против мирните демонстранти му даде нов поттик на ангажманот: демонстрантите повеќе не бараат промена на курсот во надворешната политика, тие сега бараат оставка на владата и на претседателот.

Претседателот под притосок

Опозицијата, која со години залудно се бори за поинаква политика на Киев, излезе зајакната од масовните протести. Ќе следуваат други протестни акции. Во моментов е неизвесно како ќе реагира украинското раководство на тоа. Претседателот Јанукович се наоѓа под енормен притисок. Бидејќи во меѓувреме и во сопствените редови се изразува јавен протест. Некои пратеници ја напуштија неговата партија. Оставка поднесе и раководителот на претседателската администрација.

Во 2004 година за време на Портокаловата револуција по долго натегање Јанукович го прифати протестот на луѓето. Сега повторно се наоѓа пред одлука. Дали и натаму ќе го почитува правото на слободно собирање и слобода на мислењето? Како ќе реагира на барањата за негова оставка? Овие прашања мора сега да им ги одговори на луѓето во Украина. И со тоа ќе даде одговор на прашањето, дали на крајот европскиот сон за Украинците ќе стане реалност или кошмар од авторитарна држава која никогаш не може да припаѓа кон Европа.