1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина е пред економски амбис

А. Лихтенберг/Б. Георгиевски24 февруари 2014

Украинскиот парламент итно ќе расправа за растечката економска криза во земјата. Западот и Русија и понудија финансиска помош на земјата, но парите ќе стигнат откако ќе биде формирана преодната влада

https://p.dw.com/p/1BEHj
Фотографија: picture alliance / AP Photo

Украинските парламентарци денеска на вонредна седница треба да расправаат за економската состојба. Во преден план е прашањето како да се надмине финансиската криза која се заканува дополнително да ја дестабилизира земјата, во која пред неколку дена беше урнат од власт претседателот Виктор Јанукович по тримесечни протести.

Вршителот на должноста Олександр Турчинов викендов предупреди дека „земјата се движи кон амбис“. ЕУ и САД најавија помош за преодната влада. Шефицата на дипломатијата ЕУ, Кетрин Ештон денеска пристигнува во Киев со најава дека „ќе дискутира околу мерките за стабилизирање на економската состојба“. Американскиот министер за финансии Џек Лу ги повика преодните власти во Киев да се обратат до ММФ веднаш откако ќе биде формирана новата влада. Се очекува преодната влада да биде изгласана во вторник, додека претседателските избори се закажани за 25 мај.

Ukraine Krise Alexander Turtschinow 23.02.2014 2013
Олександр ТурчиновФотографија: Reuters

Намален рејтинг

Кон крајот на минатата недела рејтинг агенцијата Стандард и Пурс веќе го намали кредитниот рејтинг на земјата на многу ниско ниво (тројно Ц). Земјата одамна се наоѓа пре банкрот. Украинската валута „хривња“ од почетокот на годинава загуби околу десет проценти од својата вредност во однос на еврото. Девизните резерви се речиси на нула. „Банкротот е многу можен“, вели Теохарис Григоријадис, професор по економија на Слободниот универзитет во Берлин.

Причината што банкротот и досега не се случи е во руските кредити, кои Владимир Путин му ги вети на Јанукович во декември минатата година. Опасноста од банкрот беше една од причините поради која Јанукович одби да го потпише договорот за асоцијација со ЕУ. „Банкротот се закануваше уште тогаш, а Русија беше единствената земја која сакаше да понуди краткорочно решение“, вели Григоријадис.

И според Томас Бауман, експерт за Источна Европа во германската стопанска комора, економската состојба во Украина е драматична. „Украина има средства да го покрие увозот за помалку од два месеци, тоа значи дека државата може да ги обезбеди неопходните снабдувања само уште во следните 6 недели“.

Голем потенцијал

Притоа Украина има силен економски потенцијал. Покрај суровините како железната руда, магнезиумот, бакарот, никелот, таа е и еден од најголемите извозници на жито во светот. „Украина е земја е со голема аграрна ориентација“, вели Григоријадис. Земјоделството е претежно концентрирано во централна и западна Украина, додека тешката индустрија е на истокот на земјата. Но обата региони се соочуваат со истиот проблем. „На Украина и‘ недостасува високо индустријализирано опкружување“. Од тие причини има малку странски инвеститори во земјата, покрај големата корупција и правната несигурност. Бројни структури се престари. Најголемиот дел од инфраструктурата потекнува од советското време.

Ukraine - Bilder der Krise
Фотографија: DW/D. Posdnjakova