Укинат притворот на групата на Лимај
6 јуни 2013Адвокатот на Лимај, Том Гаши изјави дека неговиот клиент е ослободен заедно со уште неколкумина други обвинети, поранешни членови на ОВК (УЧК).
Судот оценил дека обвинетите не можат да влијаат врз текот на судскиот процес. Тие се обвинети за тортура и за убиство на српски и албански цивили во Клечка. Лимај и уште деветмина обвинети беа судени за случајот во Клечка и добија ослободителна пресуда од првата инстанца од судот на ЕУЛЕКС, но во ноември Врховниот суд ја поништи ослободителната пресуда и нареди преразгледување на делото.
Во досегашното судење ниеден сведок, дури ни заштитените, не ги потврдија наводите на обвинението.
Последен вчера сведочеше еден од бившите главни команданти на ОВК, Бислим Зурапи, кој рече дека во Клечка немало затвор и дека Лимај и другите немале овластувања да апсат и да задржуваат цивили. Судењето продолжува на 3 јули, кога се очекува одбраната да ги повика своите сведоци.