1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Укинат имунитетот на пратеници на Златна Зора

БГ/бета/ап17 октомври 2013

Грчкиот парламент им го укина имунитетот за кривичен прогон на шестмина пратеници на екстремната десничарска партија Златна Зора, во рамките на истрагата за убиство и напади врз странци.

https://p.dw.com/p/1A1Jc
Фотографија: Reuters

Пратениците на Златна Зора го напуштија парламентот пред гласањето за одземање на имунитетот на шест нивни колеги, што беше едногласно прифатено. Грчките власти тврдат дека таа партија функционира како криминална организација, додека од Златна Зора одговараат дека случајот е политички мотивиран.

„Мене ме прогонуваат поради она во што верувам, а не поради она што го правам“, изјави во пресрет на гласањето Панајотис Илиоплос, еден од пратениците кому му беше укинат имунитетот.

Тројца други членови на Златна Зора, меѓу нив и партискиот лидер Никос Михалолиакос се наоѓаат во притвор каде го очекуваат судењето под обвиненија за раководење и учество во криминална група.

По избувнувањето на грчката финансиска криза, дотогаш маргиналната про-фашистичка партија Златна Зора успеа на изборите во 2012. година да освои 18 пратенички места во 300-члениот парламент. Партијата денес е трета според популарност во Грција, но негира дека негува симпатии кон нацистички вредности, иако голем број нејзини членови отворено ги покажуваат таквите симпатии.

ARCHIVBILD Griechenland Partei Goldene Morgenröte Nikolaos Michaloliakos
Лидерот на Златна Зора, Никос МихалолиакосФотографија: imago/fosphotos

Преиспитувањето на активностите на партијата започнаа по убиството на 34-годишниот музичар и левичарски активист Павлос Фисас. Лицето кое беше уапсено на местото на злосторството призна дека го сторило убиството и дека е вклучено во активности на Златна Зора.

Ниту еден од шестмината пратеници на кои им беше одземен имунитет нема да биде обвинет за убиството на Фисас, но ќе бидат обвинети за учество во криминална група и за вознемирување на јавноста.