1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Убиецот е мртов, Тулуз чека на нормализација

Ефи Зајберт/ Александра Трајковска 22 март 2012

Осомничениот убиeц на седум лица во јужна Франција е мртов. 24-годишникот отвори оган врз француските специјалци кои по повеќе од триесетчасовна опсада влегоа во неговиот стан, по што се фрли преку прозорец.

https://p.dw.com/p/14P9k
Фотографија: Reuters

Три експлозии за неколку минути и засилено присуство на пожарникарните и спасувачките екипи ја најавија акцијата на француските специјалци. Потоа се слушаа истрели. Францускиот министер за внатрешни работи изјави дека осомничениот бил скриен во бањата и оттаму отворил оган врз полицајците, кои по повеќе од 30 часови опсада влегоа во неговиот стан. Потоа 24-годишниот осомничен со оружје во рака се фрлил преку прозорец и паѓајќи се’уште пукал. Службениците го пронашле мртов на земја. Двајца полицајци се повредени во текот на акцијата. Министерот за внатрешни работи на Франција изјави дека во текот на ноќта немало контакти со осомичениот. „Тој рече дека сака да умре со оружје со рака. Потоа не слушнавме ништо од него. Во текот на ноќта имаше уште два истрела“.

Поранешни истражни органи предупредуваа од пребрзани акции. „Веќе имавме слична ситуација. По три денови без знаци на живот нашите трупи тогаш влегоа во станот. Осомничениот меѓутоа токму на тоа чекаше. Беше тешко вооружен и застрела двајца службеници. Досега немаше причина да се брза, да се нападне во аткуелниов случај во Тулуз. Човекот нема заложници“.

Претседателот Никола Саркози сакаше осомничениот да се изведе пред суд и да даде изјава. Во меѓувреме, има критика за истражните органи. Осомничениот веќе долго време бил опсервиран. При проверката на контактите кои ги имале жртвите поминаа повеќе денови, додека беше пронајден компјутерот, преку кој лицето очигледно контактирало со неговата прва жртва, војник. Се критикува дека доколку надлежните органи работеа побрзо и повнимателно, можеби ќе можеше да се спречи најмалку последниот атентат врз децата. Министерот за надворешни работи Ален Жипе смета:

Frankreich Terror Mohamed Merah Toulouse Fernsehansprache Nicolas Sarkozy
Францускиот претседател Никола СаркозиФотографија: Reuters

„Човекот кој ги изврши овие страшни убиства, неодамна беше сослушуван поради други деликти. Дали тогаш имало некаква дупка во безбедносниот систем, тоа мораме да го откриеме.“

По повеќе од 30 часа опсада жителите во населбата во Тулуз, каде атентаторот беше опколен, чекаат на нормализација на состојбата. Многумина мораа да преноќат во хотел, други лошо спиеја: „Имаше многу експлозии. Иако полицијата е овде за заштита, за многумина е страшна ситуација“, вели еден жител.