1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Убиени осум ирачки цивили - САД воведе истрага за инцидентот

18 септември 2007

Соработници на Блеквотер, фирмата за обезбедување што работи за министерството за надворешни работи на САД во престрелка во Багдад убија осум цивили во Ирак. Властите во Багдад реагираа со одземање на лиценцата.

https://p.dw.com/p/Bh6f
Скандал на фирма за обезбедување во ИракФотографија: AP

Инцидентот се случил во неделата попладне во западниот дел на Багдад. Според очевидци, соработниците на Блеквотер во конвој на шест теренски возила се движеле низ Багдад. Тие почнале да пукаат, откако во близина се случила експлозија. Потоа најмлаку осум ирачки цивили биле мртви, а уште 15 се повредени. Како прва реакција, ирачкото министерство за внатрешни работи му ја одзема лиценцата на Блеквотер.

Соработниците на Блеквотер реагирале соодветно на нападот

И додека ирачките власти ги сметаат платениците одговорни за смртта на невооружените жители, Марти Стронг, вицепретседателот на Блеквотер, смета дека неговите вработени соодветно реагирале на непријателскиот напад „Конвојот со нашите луѓе, кои штитеа важен американски граѓнин, прво бил нападнат со експлозија, а потоа се стрелало врз него со огнено оружје. Едно од нашите возила е оштететно и моравме да го извлечеме од огнената престрелка.“

Официјален Вашингтон воведе истрага за случајот

Американската министерка за надворешни работи Кондолиза Рајс вчеравечер телефонски разговараше со ирачкиот премиер Нури Ал Малики, и изрази жалење за смртта на цивилите но и увери дека Соединетите држави ќе сторат се’ за да се спречат слични инциденти и во иднина.

Претходно, портпаролот на министерството за надворешни работи Шон Мекормак најави дека е почната истрага за случајот „Истрагата сеуште е во тек. Нашата диполматска канцеларија за обезбедување раководи со неа. Се работи заедно со мулти националните сили во Ирак, кои ја поддржуваат нашата канцеларија. Овдека не би сакал да извлекувам заклучоци.“

Неизвесно дали ќе се отвори процес за расветлување на инцидентот

По смртоносната престрелка од неделата, американскиот Конгрес има намера да почне нова серија сослушувања околу ангажманот на приватните фирми за обезбедување во Ирак. Сеуште е отворено дали на Блеквотер навистина ќе му биде веднаш одземена лиценцата за работа во Ирак и дали по смртта на осумте цивили ќе биде отворен процес. До денеска, ниту еден соработник на американска служба за обезбедување не морал да одговара за смрт на ирачки цивили.