1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Убиени двајца француски новинари

ЕМФ/ард/дв3 ноември 2013

Во североисточниот дел на Мали се пронајдени телата на двајца француски новинари. Новинарите се убиени под се‘ уште неразјаснети околности. Двајцата репортери работеле на репортажа за Радио Франс Интернасионал (РФИ).

https://p.dw.com/p/1AApN
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Новинарите Жислeн Дупон и Клод Верлон (на фотографијата) биле киднапирани вчера напладне (02.11.) во градот Кидал од страна на вооружени лица. Тие престојувале во Кидал, во североисточниот дел на Мали, со цел да направат репортажа. Според планираното, двајцата репортери требале да разговараат и со претставникот на Националното движење за ослободување на Азавад, Амбери Аг Риса во неговиот дом. Според Аг Риса, тој слушнал „сомнителни шумови“ и ја подотворил вратата, при што можел да види како новинарите се спротивставуваат на своите грабнувачи, кои ги натовариле во џип.

Францускиот претседател Франсоа Оланд оцени дека станува збор за „грозоморен“ чин. Тој за денеска (03.11.) ги повика на средба надлежните министри за да се разговара околу „околностите на киднапирањето“. Француското обвинителство, според наводи од неименувани правосудни извори, веќе повело истрага за случајот.

Кидал се наоѓа на 1.500 километри североисточно од главниот град на Мали, Бамако, и важи за упориште на бунтовниците на Туарезите. Регионот се смета за нестабилен.