Убедлива победа на Ромни во Флорида
1 февруари 2012Триумфот не остава простор за сомнеж, сите противници се декласирани. На прелиминарните избори за кандидат за претседател на САД од редовите на Републиканската партија, информaцијата за победата на поранешниот гувернер и мултимилијардер Мит Ромни пристигна многу бргу. По пребројувањето на гласовите во сите изборни окрузи, Ромни освоил 46 насто од гласовите, а неговиот, барем во моментов главен конкурент, поранешниот спикер во Претставничкиот дом Њут Гингрич - 32 проценти. Ромни со тоа ја оправда улогата на фаворит и освои важни поени за кандидатурата за претседател на САД како предизвикувач на Барак Обама на изборите на 7 ноември.
14 милиони долари за ТВ-кампања
Ромни пред славенички расположените приврзеници во градот Тампа изјави дека е подготвен да ја води партијата и нацијата. Победникот од Флорида ги освојува сите гласови на 50-те делегати од оваа сојузна држава кои ќе учествуваат на изборната конвенција на Републиканската партија во август, на која паѓа конечната одлука за кандидатот за претседател на САД, што е најголем број од досега завршените предизбори, во Ајова, Њу Хемпшир и Јужна Каролина.
По големиот пораз во Јужна Каролина, Ромни и неговите сојузници инвестираа цели 14 милиони долари во телевизиски реклами, главно за напад против Њут Гингрич. Тој и неговите поддржувачи во рекламирање вложија само 3 милиони долари. Останатите двајца натпреварувачи за републикански кандидат за претседател на САД, поранешниот сенатор Рик Санторум и конгресменот Рон Пол, се откажаа од водење кампања во Флорида и веќе се концентрирани на наредните предизбори. Тие во Флорида освоија 13, односно седум насто од гласовите.
Шест гласања во февруари
Ромни, според набљудувачите, е единствен кој има доволно капитал и соработници за долга кампања.
Победата на Ромни во Флорида меѓутоа се’ уште не значи и крај на дуелот со Гингрич. Тој повторно опстоја на најавата дека во секој случај ќе остане во трката, се‘ до изборната конвенција во август. Гингрич најави дека ќе настапи на сите предизбори и оти моќта на народот ќе ја победи моќта на парите, мислејќи притоа на големата финансиска моќ на Ромни.
По Флорида, кандидатите во февруари набрзина треба да минат нови прелиминарни гласања во уште седум сојузни држави, а почетокот е во сабота во Невада. Одлучувачки датум би можел да биде т.н. „супер вторник“, на 6 март, кога истовремено се гласа во десет американски сојузни држави.
Автор: Зигфрид Шајтхауер / Симе Недевски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска