Уапсен шефот на Муслиманското братство
20 август 2013Мохамед Бадиа (на насловната фотографија) е уапсен кратко пред полноќ, соопшти Министерството за информации. Шефот на Муслиманското братство бил пронајден во зграда недалеку од плоштадот Раба-ал-Адавија, во предградието Назр сити. Таму изминатата среда беа убиени 280 луѓе, кога силите за безбедност насилно го расчистија протестниот камп на приврзанците на соборениот претседател Мохамед Мурси. По Бадиа се трагаше со недели. Тој, меѓу другото, се обвинува за поттикнување убиства.
По апсењето на Бадиа Муслиманските браќа најавија дека ќе ја продолжат борбата против преодната влада и војската. Бадиа е само еден од многуте членови на Братството кои се длабоко вкотвени во египетското општество, појасни Ахмед Ареф, портпарол на движењето.
Преодното раководство во изминатите денови дискутираше и за забрана на исламистичката организација. Предлогот Муслиманското братство да се прогласи за илегално потекнува од преодниот претседател Хасил ал-Библави. Стотици членови на Братството беа уапсени во изминатите денови.
Екс претседателот е обвинет за соучество во убиство
Соборениот египетски претседател Мохамед Мурси, во меѓувреме, е обвинет и за помош при убиство. Од кругови на правосудните органи се вели дека поранешниот исламистички претседател на државата е обвинет дека и тој сносел вина за смртта и измачувањето на демонстранти, кои на крајот на 2012 година протестираа пред претседателската палата во Каиро против еден уставен декрет. Со овој декрет требаше да бидат ускретени правата на правосудството и да биде проширена моќта на претседателот. Декретот подоцна делумно беше повлечен поради протестите. Тогаш беа убиени единаесет демонстранти, додека голем број други луѓе биле изложени на измачување од страна на приврзаници на Муслиманското братство.
Муслиманското братство за време на долгогодишното владеење на поранешниот претседател Хосни Мубарак беше забрането, но успеваше да внесе независни кандидати во парламентите. Нивната новоформирана Партија за слобода и праведност по соборувањето на Мубарак однесе победа на парламентарните избори. Мохамед Мурси како кандидат на Муслиманското братство беше избран за претседател во 2012 и симнат од функцијата на 3. јули годинава од страна на војската.
Крвав ден
Во меѓувреме, во Египет и натаму се пролева крв. При напад на исламистички екстремисти вчера на полуостровот Синај беа убиени 26 невооружени полицајци. Според последните сознанија на силите за безбедност, единаесет вооружени лица ги стопирале автобусите со полицајци во близина на градот Рафах на границата со Појасот Газа. Напаѓачите ги извадиле полицајците од автобусите и пет минути пукале врз нив. Само еден преживеал.
Претходно беа убиени 37 приврзаници на Муслиманското братство во обид да избегаат додека биле транспортирани. Полицијата употребила солазавец, а затворениците се задушиле во едно транспортно возило, соопшти Министерството за внатрешни работи. Муслиманското братство тврди дека затворениците биле стрелани. Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун за заложи за истрага на овој случај.
Германската канцеларка Ангела Меркел оцени дека ситуацијата во Египет е „многу загрижувачка“ и побара итно запирање на насилството. Демократскиот процес би требало да продолжи колку што е можно поскоро и во него да бидат вклучени сите политички сили, рече Меркел за „Пасауер ноје пресе“. Египет игра централна улога за стабилноста на ергионот.
Министрите за надворешни работи на Европската унија утре (21.08) ќе заседаваат на вонредна сединица за ситуацијата во Египет. Притоа треба да усвојат заедничка позиција за кризата. Се очекува да се дебатира и за укинување на развојната помош за Каиро.