1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уапсен челникот на венецуелската опозиција

БГ/макфакс19 февруари 2014

Опозицискиот лидер Лопез и‘ се предаде на полицијата откако беше обвинет за предизвикување смрт на неколку лица за време на минатонеделните протести. Демонстрациите против Мадуро продолжуваат.

https://p.dw.com/p/1BBL8
Фотографија: Juan Barreto/AFP/Getty Images

Еден од челниците на венецуелската опозиција, Леополдо Лопез се предаде во вторникот на полицијата во главниот град Каракас, а десетици илјади демонстранти против владата на претседателот Никола Мадуро ги блокираа улиците на престолнината по апсењето на опозиционерот.

„Моето затворање ќе биде достојно за маките, доколку овозможи Венецуела дефинитивно да се разбуди и мнозинството од граѓаните на Венецуела кои сакаат, демократски да постигнат промени“, изјави пред своите приврзаници Леополдо Лопез, лидерот на опозициската партија Волунтад Популар, неколку минути пред да ѝ се предаде на полицијата пред која се криеше речиси цела седмица.

Против Лопез беше издаден налог за апсење по насилните студентски протести против несигурноста, инфлацијата и сиромаштијата минатата среда, во коишто загинаа четири лица, а повеќе десетици се ранети. Во вторникот навечер по средноевропско време, приврзаниците на опозицијата го опколија военото возило со коешто Лопез е префрлен во притвор.

Истовремено демонстрантите излегоа на улиците и во другите делови од венецуелската престолнина Каракас парализирајќи го сообраќајот. Студентите и опозиционерите, облечени во бело, кои имаа намера да дојдат до министерството за правосудство во Каракас, беа опколени од полициските сили во источниот дел од земјата. Носеа голем транспарент на кој пишуваше „24.763 насилни смртни случаи во 2013-та. Ние сме повеќе од бројки“. Од понеделникот власта и опозицијата меѓусебно се обвинуваа за предизвикување опасност за земјата, повикувајќи на два одделни маршеви коишто можеа да се сретнат во високо поларизираната земја поделена меѓу приврзаниците на починатиот претседател Уго Чавез, кого го замени Николас Мадуро и опозицијата. Од пред две седмици започнаа протестите на студентите поради несигурноста во земјата. Венецуела е една од најопасните земји во Јужна Америка, според стапката на криминалот. Студентскиот протест се прошири и на економската ситуација во земјата, во која инфлацијата и натаму расте, а во 2013 година достигна 56 отсто, а недостигот од основни продукти е сѐ поголем.

Студентите добија поддршка од опозициските партии и од нејзините лидери, меѓу кои е и противкандидатот на Мадуро на последните претседателски избори, Енрике Каприљес, гувернер на најбогатата венецуелска сојузна држава Миранда. Тој е главен репрезент на опозицијата, но е поумерен од Леополдо Лопез, кој се залага за стратегија на судири со власта и за заземање на улиците за да се присили власта да отстапи.