1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уапсен директор на италијански државен гигант

БГ/ап/афп12 февруари 2013

Првиот човек на италијанскиот одбранбен конгломерат е уапсен поради сомнеж дека учествувал во голем меѓународен корупциски скандал.

https://p.dw.com/p/17cnQ
Фотографија: picture-alliance/AP

Извршниот директор на италијанскиот гигант Финмеканика Ѓузепе Орси (на фотографијата горе) е уапсен поради сомневања дека е вмешан во меѓународна корупциска афера. Полицијата го сомничи Орси дека дал мито при продажбата на 12 хеликоптери од марката „Агуста Вестланд“ на индиската влада.

Истрагата за случајот траела повеќе месеци, а полицијата денеска (12.02) ја претресува и куќата на Орси.

Претходно беше уапсен и Бруно Спањолини, прв човек на компанијата Агуста Вестланд, филијала на одбранбениот конгломерат Финмеканика. На Спањолини, кој е осомничен за корупција и проневера, му е одреден домашен притвор.

Орси е осомничен дека исплатил мито од речиси 500 милиони евра за продажбата на хеликоптерите на индиската влада.

Финмеканика, која е во 30 процентно сопствеништво на италијанската влада, веќе подолго време ја потресуваат крупни корупциски скандали. И претходникот на Орси на функцијата, Пиер Франческо Гуаргаљини, беше сменет од функцијата откако беше откриен корупциски скандал во 2011 година.

Премиерот Марио Монти најави дека неговата техничка влада ќе продолжи со истрагата за случувањата во Финмеканика, и дека ќе се зајакнат антикорупциските мерки на национално ниво.

Италија ја очекуваат парламентарни избори за две недели.