Уапсено 31 лице за кражбата на дијаманти во Белгија
8 мај 2013За време на вчерашната и денешна акција во Белгија се уапсени 24 лица, во Швајцарија шест и едно лице во Франција, рече портпаролот на обвинителството во Белгија Жан-Марк Мејер. Како што е наведено, дијаманти и пари од грабежот се најдени, но не се даваат повеќе детали за нивното количество. Вредноста на украдените дијаманти се проценува на 50 милиони долари.
Акцијата за апсење на осомничените лица за поврзаност со кражбата се забрзала откако вчера во Франција бил уапсен еден од членовите на осумчлената вооружена група, која ноќта на 18 февруари упадна на пистата на аеродромот во Брисел и во петминутна акција, без да испука ниту еден куршум, од багажот во еден од каргоавионите ги украде дијамантите. Напаѓачите побегнаа, а едно од нивните возила подоцна е најдено запалено во близина на аеродромот.
„Ова лице има многу дебело судско минато во Франција и е побарана негова екстрадиција во Белгија“, рече портпаролот на белгиското обвинителство.
Во акцијата за апсење во Белгија учествувале повеќе од 200 полицајци, кои откриле „големи количества на пари“. Дијамантите, како што соопштија од обвинителството, биле пронајдени во Швајцарија.