1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уапсени осомничени ”тобако” шверцери

Александар Чомовски7 декември 2006

Македонската полиција синоќа во Прилеп притвори група осомничени, што ја предводи екс-директорот на Тутунскиот комбинат во овој град, Тони Мицајков. Постојат докази и индиции дека групата со илегален шверц на цигари ја оштетила државата за најмалку 10 милиони евра.

https://p.dw.com/p/AdaZ
Фотографија: AP

Прилепскиот истражен судија му одреди притвор на Тони Мицајков, екс-директор на тамошниот тутунски комбинат. До рано изутрина траеше распитот и на другите шестмина осомничени, кои се дел од т.н. прилепско-скопско-арачиновска врска со шверц на цигари, еден од најатрактивните видови на организиран криминал во изминатите две децении во Македонија. Тони Мицајков е фатен на границата кон Грција и со претходно притворениот Драги Богдан се кадри на претходната власт на СДСМ. Тие како екс-директори на Тутунскиот комбинат се осомничени за илегално производство и фиктивни извози на цигари, кои наместо во Албанија, Босна, Косово, завршувале на македонскиот црн пазар. На овој начин само оваа ”тобако” организирана група ја оштетила државата за најмалку десетина милиони евра.

Инаку, тутунскиот комбинат од Прилеп е еден од најпознатите. Тој со години бележи огромни загуби. Македонија е детектирана како држава во која и од каде изминатава деценија тобако мафијата контролирала или профитирала со најмалку половина милијарда долари преку илегално производство линии за цигари и нивна продажба на црните пазари.

Во последнава недела во прилепскиот и скопските случаи на злоупотреби и криминал се приведени дваесетина видни бизнисмени, адвокати, судии и нотари. Тоа ја покажува решителноста на МВР и владата да се пресечат врските на организираниот криминал, поддржан или стимулиран од врвни личности во политичките кругови. Не е исклучено во скопскиот случај ”Бачило” како сведоци да се појават и претходни министри или пратеници. Даночните контролори и даночниците во неколку јавни или државни фирми покажуваат големи даночни малверзации. Овој обид да се влчезе во јадрот на организираниот криминал стартуваше без државен обвинител. Премиерот Никола Груевски очигледно се откажа од намерата да ангажира еден од италијанските анти-мафијаши за функцијата македонски државен обвинител. Владата во наредните денови ќе распише оглас за нов државен обвинител, кој треба да дојде на местото на разрешениот и инертен, Александар Прчевски. Со средства на ЕУ или на нејзина членка ќе се финансираат советници на премиерот Груевски од странство, во битката со организираниот криминал, што е еден од важните политички критериуми за евро-атлантското членство.