1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турчинка - нова шефица на Амнести

Башак Озај/ Зоран Арбутина 2 март 2013

Новата шефица на Амнести Интернешнл за Германија повеќе од 20 години работи за организации за човeковите и правата на жените. Во минатото Селмин Чалискан ретко настапуваше во јавноста.

https://p.dw.com/p/17ooD
Фотографија: picture-alliance/dpa

Оној кој сака да ја запознае новата генерална секретарка на Амнести Интернешнл Германија мора да се стрпи: Селмин Чалискан со денови е недостапна за медиумите. На и-мејл не одговара, телефонските повици се пренасочуваат кон мејлбокс. Исто така од страна на официјални лица на организацијата, кои вообичаено за своите активност радо ја бараат јавноста, речиси и да нема информации за 46 - годишната ќерка на турски гастарбајтер од Дирен.

Една од оние кои ја познаваат Чалискан од порано е Сереп Алтинисик. Таа со неа работеше во Брисел за Европското женско лоби (European Women's Lobby) и ја познава Челискан како многу ангажирана жена: „Таа во голема мерка учествуваше во етаблирањето на европската мрежа за жени мигранти, првиот европски сојуз за организации за жените мигранти“. Освен ова работеше и за агенцијата на ЕУ за поддршка на лицата кои бараат азил (European Asylum Support Office), органзираше повеќе кампањи и лобираше, вели Алтинисик.

Претходно со години беше активна за организации за заштита на правата на жените, од 2003 за Medica Mondiale. За оваа организација Чалискан патуваше во Либерија, Конго и Авганистан. Во Кабул беше ангажирана и од страна на Германската организација за меѓународна соработка (ГИЦ).

Новата генерлана секретарка на АИ зборува повеќе јазици: германски и турски се нејзини мајчини јазици и исто така е дипломиран преведувач за англиски и шпански. Луѓето кои ја познаваат велат дека е „амбициозна и кариерист“. Нејзината некогашна колешка Сереп Алтинисик го нагласува нејзиниот ангажман за човековите и правата на жените: „Таа се залага за правда, за подобар свет“, вели Алтинисик.

За акцентите кои сака да ги постави на нејзината нова функција, досега е малку познато. Сепак таа навести дека ќе биде незгоден соговорник за владејачката структура во Берлин. Во нејзиното досега единствено интервју, кое го даде за весникот „Зиддојче цајтунг“, жестоко ја критикуваше германската влада и особено недостигот на транспарентност како и дефицит на контрола при германскиот експорт на оружје. „Разбирливо“ критички ќе се однесува и кон татковината на нејзините родители. Чалискан навести дека ќе се осврне на затворањето на новинарите и дискриминацијата на етничките малцинства или на недостигот на религиозна слобода за христијаните и алевитите во Турција.

Нејзината поранешна колешка Серап Алтинисик вели дека Чалискан е борбен човек. „Таа точно знае што сака и тоа што го сака го поткрепува со аргументи“.