Турција ќе испрати мировни војници во Либан
6 септември 2006Ова денеска на заедничката прес конференција го соопштија турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган и генералниот секретар на ОН Кофи Анан,кој допатува во Анкара уште за време на завчерашното гласање во турскиот парламент,на кое турските пратеници со огромен број гласови и комплетно противење на опозицијата и дадоа зелено светло на одлуката на турската влада за испраќање турски мировни сили во Либан.
-Сакаме во Либан да има траен мир и запирање на умирање на жени и деца,изјави по разговорите со Анан турскиот премиер Ердоган,кој одговарајќи на негативните реакции во турската јавност,напомена дека кога е мирот во прашање,не може да се седи со скрстени раце,туку треба да се оди на местото и да и се помогне на една соседна земја.
Генералниот секретар на ОН соопшти дека со Израел е постигната согласност за деблокада на Либан во рок од 36 до 48 часа,дополнувајќи дека досегашните искуства во некои други кризни региони во светот упатуваат на тоа дека разорожувањето на Хезболах и другите милиции би било најдобро да се изврши по политички пат,а сите тие групи да се вклучат во политичкиот процес,за што меѓутоа е потребно постигнување консензус во Либан.