1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција самата си става пречки на патот кон ЕУ

Бернд Ригерт / Александар Методијев5 ноември 2013

ЕУ повторно ги продолжува преговорите со Турција за нејзиниот прием во Унијата, но со половина срце. Турската окупација на Кипар и натаму е најголемата пречка. Мали се изгледите за напредок во преговорите.

https://p.dw.com/p/1ABgN
Фотографија: picture-alliance/dpa

Владината конференција меѓу ЕУ и Турција, на која денеска (05.11.2013) по три години пауза ќе продолжат преговорите за прием на Турција во ЕУ, би требала да трае еден час. Ќе има некои општи разговори, фотографија за спомен и прес-конференција. За работите вистински нема да се преговара при овој симболичен термин. На состанокот ќе стане збор за регионалната политика. Со тоа ќе се отвори четиринаесетото од вкупно 35 поглавја. На состанокот на министрите за надворешни работи од ЕУ, што се одржа во октомври, не беше одлучено сега да се разговара за релевантни теми, како што се човековите права или судството.

Еврокомесарот задолжен за проширување Штефан Филе во својот најнов извештај за напредокот на Турција забележува позитивен развој, иако се забележуваат недостатоци во извештаите за човековите права, религиозната слобода и за независноста на судството. Насилната акција на турските безбедносни сили против демонстрантите во мај и јуни, во Истанбул и други градови во земјата, ги обесхрабри дел од министрите за надворешни работи да се одлучат за сериозно отворање на преговарачките поглавја за човекови права и судство. Еврокомесарот Филе упати апел до земјите-членки. „Ако ние вистински сакаме Турција нешто да промени во областа на основните човекови права, тогаш ние мораме токму за тоа со неа да зборуваме“, рече Филе.

Stefan Füle EU Erweiterungskommissar
Штефан Филе забележа позитивен развој во Турција и покрај кршењето на човековите права, недостатокот на религиозна слобода и независност во судствотоФотографија: dapd

Во позадина секогаш е конфликтот со Кипар

Преговорите со Турција почнаа во 2005 година по децениска подготовка. Оттогаш работите се одвиваат бавно, бидејќи ниту едно поглавје не може до крај да биде преговарано и правно-обврзувачки да биде затворено. Други 14 поглавја се блокирани со одлука на ЕУ или, пак, со вето од страна на Кипар. Земјата-членка на ЕУ Кипар не е признаена како држава од страна на Турција. Од 1974 година, со помош на војската, Турција ја окупира северната третина од медитеранскиот остров.

Во април 2004, само неколку дена пред приемот на Кипар во ЕУ, не успеа повторното обединување на турските и грчки Кипрани преку референдум. Југот гласаше против плановите за повторно обединување, кои беа направени со посредништво на ОН. Овој нерешлив историски проблем меѓу кандидатката за членство Турција и земјата-членка Кипар се разви во целосна кочница, како што оценува европратеничката Риа Омен-Руијтен. Конзервативната Холанѓанка е известувач за Турција во Европскиот парламент.

„Навистина има разговори меѓу народите на север и југ, но јас со задоволство би сакала да видам Турција да повеќе да се потруди“, забележа европратеничката.

Prof. Dr. Hubert Faustmann
Хуберт Фаустман, раководител на фондацијата „Фридрих Еберт“ во НикозијаФотографија: Hubert Faustmann

Политикологот Хуберт Фаустман, кој ја раководи фондацијата „Фридрих Еберт“ во Никозија, смета дека се’ „би можело релативно брзо да се направи големо придвижување, ако се сака“. Сепак професорот Фаустман во разговорот за Дојче веле потенцира дека „е јасно дека кипарскиот проблем е клучната пречка во целата приказна“.

„Не е можно полноправно членство“

Турскиот министер за европски прашања Егеман Багис, неколку дена пред патувањето на преговорите во Брисел, во весникот „Хуриет“ напиша дека Турција чека подолго отколку секоја друга земја на своето членство во ЕУ. Според него, новото поглавје во преговорите е „задоцнет, но позитивен чекор“. Багис се надева „дека бесмислените политички блокади на другите поглавја колку што е можно побрзо ќе бидат отстранети“.

Кипарскиот министер за внатрешни работи Сократис Хасикос во понеделникот (04.11.2013) за весникот „Сајпрус-мејл“ изјави дека во никој случај не се сака да се спречи нова рунда на преговори меѓу турските и грчките Кипрани. Тој забележа дека за тоа се потребни темелни и интензивни подготовки. Тој побара од Турција посилно да се ангажира, но и ЕУ да одигра позначајна улога. ОН ќе се обидат оваа недела да ги седнат на заедничка преговарачка маса двата народа.

Германскиот европратеник Маркус Фербер од ЦСУ во интервју за магазинот „Фокус“ побара од германската канцеларка Ангела Меркел да го преиспита курсот во однос на Турција. Досега сојузната германска влада ги поддржуваше преговорите меѓу ЕУ и Турција, но притоа нагласуваше дека на крајот тие не мораат да додведат до полноправно членство на Турција. Фебер изјави дека сојузната влада повеќе не треба да го поддржува приемот на Турција во ЕУ. Тој смета дека не би можело да и’ се даде на земјата полноправно членство. Против продолжување на преговорите за прием во ЕУ со Турција е и германската Партија на зелените. Причината за оваа партија е поинаква. Севим Дагделен, пратеник од оваа партија во Бундестагот, објаснува дека со тоа би се добил погрешен впечаток дека се исплати режимот на партијата АКП и премиерот Ердоган, како и нивниот досегашен курс во насока на држава под исламистичка репресија.

Egemen Bagis Minister für Europaangelegenheiten
Егеман Багис, турски министер за европски прашањаФотографија: AP